Петровска: Во огласите за вработување 300 војници и 30 офицери нема предизборна калкулација

Огласите за вработување на нови 300 професионални војници и 30 офицери не е партиски поткуп, бидејќи секоја година има оглас за вработување на нови професионални војници согласно потребите на Генералштабот на Армијата – вели министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за 360° на МРТ 1 на прашањето дали во огласите има предизборна калкулација.

„Не, ако беа сега за првпат, ако ги немавме долго време објавено, веројатно ќе беа некаква индикација, меѓутоа ако се земат годините наназад, ќе видите дека секоја година таа бројка од 300 припадници на Армијата, јас можам да зборувам со сигурност за двете години кога сум министерка, беа огласувани и вработувани“ вели Петровска.

Прашана за обвинувањата од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, дека при претходен избор на војници, етнички Албанци се изјасниле за Македонци за да бидат примени, министерката вели оти во приемот на професионални војници или, пак, каков било кадар за потребите на Армијата, нема потреба никој да се изјаснува по етникум бидејќи тие не користат балансер.

„Тоа правило кое беше воведено кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт не важи, но има една одредба која вели дека треба да се почитува еднаквата застапеност на различни припадности и таа се почитува, но ова тврдење дека некој Албанец се пишал Македонец за да земе место на некој Македонец е, се разбира, неосновано и мене ме изненадува таквиот коментар од лице кое до скоро беше припадник на Армијата со повисок чин и барем Законот за служба во Армија треба да го знае“ рече министерката.

Back to top button
Close