Пинокио – единствен начин да се искуси животот како човек е на крајот да следува смрт

„Пинокио“ на Гиљермо дел Торо е филм кој ја открива темнинaта на оваа приказна, стара 150-години, пишува Николас Барбер.

Два филма за Пинокио беа премиерно прикажани оваа година. Еден од нив е римејкот на Роберт Земекис на цртаниот филм на Волт Дизни од 1940 година, со Том Хенкс како исклучително драг Џепето, а Џозеф Гордон-Луис како гласот на штурецот Џимини. Во другиот, во режија на Гиљермо дел Торо, синот на Џепето од крв и месо е убиен од бомба во Првата светска војна, Џепето (Дејвид Бредли) во пијан бес резба дрвено момче, а фашистите на Мусолини владеат со Италија. А потоа, тука се трите умирања на Пинокио.

„Пинокио умира во нашиот филм три или четири пати“, вели Дел Торо за BBC Culture, „и води дијалог со Смртта, а смртта го учи дека единствениот начин на кој навистина може да го искуси живеењето како човек, е ако на крајот следува смрт. Има околу 60 верзии на Пинокио на филм, а јас би се обложил на висока сума дека такво нешто не постои во ниту една од другите 60.

Режисерот дури и го стави своето име во целосниот наслов на филмот, „Пинокиото на Гиљермо дел Торо,“ што е доволно фер, бидејќи може да биде суштинската продукција на Гиљермо дел Торо.

(…)

„Од самиот почеток јасно ставивме до знаење дека овој филм е на линија со Ѓаволскиот ‘рбет и Лавиринтот на Пан“, вели Дел Торо, мислејќи на две негови претходни хорор фантазии, кои ги споија натприродното и Шпанската граѓанска војна. „Јасно им кажав [на Нетфликс, кој го финансираше филмот] дека не го правам ова за деца, ниту го правам за родителите на младите фудбалери. Го правам за себе и за мојот тим“.
Иако визијата на Дел Торо е идиосинкратска, сепак, тој не зема слатка бајка за да ја направи застрашувачка. На меѓународно ниво, најпознатата верзија на приказната сè уште е цртаниот филм на Дизни, во кој Пинокио беше претворен во магаре и проголтан од џиновско морско чудовиште. „Го гледав филмот на Дизни на многу рана возраст“, вели Дел Торо, „и тоа се уште е еден од најстрашните филмови што некогаш сум ги гледал“.

Оригиналната книга е уште пострашна. Како што вели самиот Дел Торо, има 60-тина филмови за Пинокио, а „дури и пред да го видам филмот на Дизни го видов во боенки и сликовници“. Но, романот се издвојува од сите нив како еден од најчудните и највознемирувачките класици во литературата за деца.
Неговиот автор е Карло Лоренцини, кој го зел својот псевдоним Карло Колоди, според родниот град на неговата мајка. Државен службеник, политички новинар и автор, бил вработен кај издавач од Фиренца во 1875 година каде преведувал француски бајки од 17 и 18 век. Преводот бил толку успешен што му било побарано да напише повеќе детски приказни, по можност со силни морални пораки. Во 1881 година La storia di un burattino (Приказната за една кукла) била објавена како неделен серијал во детски весник.
Секој што го познава Пинокио само од неговите инкарнации на екранот, треба да внимава. Џепето е уште посиромашен од тој во филмовите на Дизни и кај Дел Торо: на ѕидот му е насликан оган затоа што не може да си дозволи вистински. Ликот што го знаеме како штурчето Џимини, или Себастијан Џеј Крикет (Ијан Мек Грегор) во верзијата на Дел Торо, е едноставно штурецот кој зборува. И тој е присутен на само две страници пред Пинокио да му фрли чекан и „беше мртов, залепен за каменот на ѕидот“. Сината самовила е сенишното девојче кое зборува „без да ги движи усните… со слаб глас што изгледа како да доаѓа од други свет“. И мачката и лисицата го бесат Пинокио на даб.

„Јамката цело време му се стегаше вратот, го гушеше“, пишува Колоди. „Тој можеше да почувствува како смртта се приближува…“

За работите да бидат уште помрачни, ова требало да биде крајот на приказната. Колоди планирал да го остави својот несреќен херој да виси од јамката, но читателите го замолиле за дополнителни делови, па серија продолжил четири месеци подоцна. Следниот дел не е толку морничав: мртвото девојче се преродило како самовила. Но, сепак останува збунувачки чудно. Зошто точно Пинокио има кратка средба со џиновска змија која се смее до смрт?

Страв од светот на возрасните

Најблиските книгата на англиски е „Алиса во земјата на чудата“ и нејзиното продолжение, „Во светот на огледалото“. Вториот е објавен во 1871 година, 10 години пред Пинокио. Приказните на Луис Керол беа адаптирани и во цртан филм на Дизни во 1951 година, 11 години по Пинокио. Ен Лосон Лукас, која го преведе и го претстави изданието на Пинокио на Универзитетот во Оксфорд, признава дека и двете можат да бидат вознемирувачки: „Авантурите на Алиса може да изгледаат застрашувачки (или иритирачки), а несреќите на Пинокио заморни (или кошмарни), вели таа за BBC Culture. За возрасните, сè побизарниот наратив на Колоди ги покренува прашањата за тоа што се сатиризира и симболизира, и што сакал да каже Колоди за новообединетото (во 1871 година) Кралство Италија.

Пинокио „бил споредуван со Одисеј и со Божествената комедија на Данте“, вели Лукас во нејзиниот вовед. „Посебно во Италија, за тоа се пишуваше и се појавија толку многу толкувања, како и за овие големи дела на светската литература… Имаше идеолошки, марксистички, филозофски, антрополошки, психоаналитички и фројдовски читања. Едно читање дури тврди дека Пинокио е алегорија на Христос, бидејќи Џепето е столар чие име е деминутив на Џузепе или Јосиф, а шемата на бои на Сината самовила се совпаѓа со сината одора што традиционално ја носи Богородица. Лукас ја отфрла оваа интерпретација, но тоа се повторува во Пинокио на Гиљермо дел Торо кога Пинокио гледа во распетие и вели: „И тој е направен од дрво. Зошто тој на сите им се допаѓа, а јас не ?

Најверната адаптација на романот на големото платно е италијанскиoт филм од 2019 година, по сценарио и режија на Матео Гароне (Гомора) и со Роберто Бенини како Џепето. (Во 2002 година, Бенини го играше Пинокио во филм кој самиот го режираше, иако тогаш имаше 50 години.) За Гароне, Пинокио е хроника на татковската љубов, руралната сиромаштија и правливите тоскански предели. За ко-режисерот на верзијата на Дел Торо, Марк Густафсон, Пинокио е „приказна за креација“ на уметничко дело кое добива свој живот, одвоен од неговиот творец. „Како уметник“, вели Густафсон за BBC Culture, „ти правиш нешто, мислиш дека знаеш што правиш, и го објавуваш во светот, а потоа можеби нема да ја добие реакцијата што ја сакаш. Но, тоа е добра работа. Сакате да ги размрдате работите. Тоа е идеалната креација“.

Најважната тема за Дел Торо е неправедноста во тоа децата постојано да бидат детерминирани од одлуките на возрасните. Во романот на Колоди, Пинокио е казнет секогаш кога е непослушен и на крајот учи да го прави она што му е кажано. „Се обидовме многу јасно да го избегнеме тоа“, вели Дел Торо. „Навистина сакав да направам непослушен Пинокио, а непослушноста да ја претставам како доблест. Сакав сите да се променат освен него. Како што напредува филмот, штурецот учи од Пинокио, а Пинокио многу малку учи од штурецот. Бев на некој начин и контрадикторен, но беше искрено кон тоа како се чувствував како дете. Чувствував дека сето тоа скротување беше вознемирувачко и страшно“.

Она што е непроменливо во секоја варијанта се неизбришливите слики на Колоди: дрвено момче; штурец што зборува; нос кој станува подолг кога лажете. Но, паралелно со тие слики се појавува една моќна вистина. „Мислам дека тоа е страв од светот на возрасните“, вели Дел Торо, „оваа идеја дека сте фрлени во свет на вредности за возрасни кои не само што е тешко да се разберат, туку на крајот се покажуваат како лажни. Така се чувствував како дете. Сите работи што ви ги кажаа возрасните, тие самите не ги разбираа“. Во првата половина од книгата, неколку негативци предизвикуваат неволја за Пинокио. Во втората половина, четири црни зајаци носат ковчег во неговата соба за да го одведат додека е жив, а судијата (кој случајно е горила) го фрла во затвор бидејќи е жртва на кражба. Колку и да се фантастични овие епизоди, стравот што го предизвикуваат, чувството дека сте изгубени и немоќни во системот на возрасните каде што ништо нема смисла, е попрепознатливо од релативно уредните и логични предива во повеќето книги за деца.

Истото важи и за главниот лик. Сите знаат дека Пинокио сака да биде вистинско момче, но клучна причина зошто е толку обожаван речиси 150 години е тоа што тој во суштина секогаш е реален како и сите други ликови во литературата. Наместо да биде храбар, благороден херој, Пинокио е груб, себичен, наивен, љубопитен, заборавен, лесно го поколебува искушението, бавно учи од грешките, вознемирен кога работите ќе тргнат наопаку, но љубезен, добронамерен и способен за храброст. . Дрвен или не, не може да се биде повеќе човек од тоа.

Извор: BBC Culture
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close