ПЛЕСКАЊЕ ВО ПРАЗНО

За психијатриски третман за лечење фрустрации пари не даваме

Еј, ама ѝ го плесна премиерот Христијан Мицкоски на Урсула фон дер Лајен за време на ручекот во Брисел. Ги одбрани националните интереси без виткање кичма и без лижење чевли. Им треснал на маса: Ако сакате да нѐ примите во ЕУ, ќе најдете начин да нѐ примите, и замина за Штип да реди плочки на улицата каде што беше промовирана џиновска пастрмајлија долга два метра.

Премиерот пред да замине за Брисел рече дека таму ќе ги пренесе „фрустрациите што ги имаат македонските граѓани, оти повеќе од деценија и пол не сме во во можност да почнеме преговори со ЕУ, оти има вештачки наметнати пречки кои ниту една друга земја ги немала“.

Божем, тоа е тема на муабетот. Можам да замислам како се зачудиле домаќините: А бе, ние стотици милиони евра сме спремни да им дадеме, а овој за фрустрации дојде ни раскажува.

Европската унија минатата есен одлучи да одвои 6 милијарди евра за развој на земјите од Западен Балкан. Секоја од овие 6 земји што припаѓаат на црната дупка среде Европа треба да подготви проекти за да ги добие парите. Така што, од Мицкоски очекував во Брисел да им каже како ќе ги троши парите што тие решиле да ни ги дадат.

Верувам дека и нему му рекле, како и на претходната влада што ѝ викаа сто пати, и во Собрание доаѓаа и ни држеа говори: Имаме разбирање за вашите фрустрации. Туку, имате ли вие план како ќе ги трошите парите што, како за утеха дека не ве примаме, сепак сме одлучиле да ви ги дадеме? За психијатриски третмани за лечење фрустрации пари не даваме. Имате ли некакви други барања? Еве, имате ли некаков проект што е готов за финансирање, а ги надминува достигнувањата на линеарно покачување на пензиите и доградба на школи и градинки? Некаков проект што ќе биде толку важен што државата ќе ја доближи до ЕУ.

Тие секако решиле парите да ги поделат меѓу нас, па ако не ги земеме ние, ќе им ги прераспределат на Србија, Косово, Албанија, Црна Гора или Босна и Херцеговина. Ќе им го најдат чарето, ако ние не сме способни да ги потрошиме.
На крајот на краиштата, ако Мицкоски го бива за владеење и со тие и без тие пари, нека ни ја донесе ЕУ дома. Па после нека се фрустрира колку сака. Со тој себап и фрустрацијата ќе му помине. А и нам.

Сѐ друго е одење по ручеци и плескање во празно.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

Back to top button
Close