По 33 години привршува изградбата на новото крило на струмичката Болница

)-По 33 години привршува изградбата на новото крило на струмичката болница и до крајот на летото треба да биде предано во употреба, беше соопштено денесka во извршениот увид од страна на претседателот на Владата, Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче, заедно со директорот на ЈЗУ „Општа болница“- Струмица, Наќе Гогов.

Премиерот Спасовски истакна дека со доаѓањето на оваа Влада и Mинистерството за здравство е финализирана изградбата и опремувањето на Општата болница во Струмица, чија градба е започната уште пред 33 години и подвлече дека многу скоро над 200 илјади жители од Струмица ќе добиваат поквалитетни здравствени услуги.

Подвлече дека во новиот крак на болницата, опремен со модерна медицинска опрема, ќе започне работата на Ургентен центар за тријажа на болни, на специјалистичките амбуланти по општа хирургија, пластична и реконструктивна хирургија, ортопедија и урологија и во завршна фаза е довршувањето на одделите по општа хирургија, гинекологија и акушерство офталмологија, оториноларингологија, неонатологија, ортопедија, како и работата на осумте оперативни сали со неопходната опрема за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување.

-Минатата година ја најавивме 2020 година, како година на вложување во човечкиот капитал.Затоа ги зголемивме платите на здравствените работници, ги подобривме условите за работа- набавивме нова опрема, но и ги подобривме условите во јавно-здравствените установи.Со тоа создаваме услови граѓаните да имаат пристап до широк спектар на здравствени услуги во своите локални средини, а лекарите и медицинскиот персонал да имаа современи услови за работа за да ја пружат најдобрата здравствена услуга. Покажавме дека сме одговорна влада, која успеа да го рехабилитира цунамито што го затекнавме во здравството и да го зајакнеме здравствениот систем во нашата држава, рече Спасовски.

И министерот за здравство Филипче во своето обраќање истакна дека по три години интензивна работа, Струмица добива нов болнички објект и дека тоа го заслужуваат сите, здравствените работници, пациентите и граѓаните, не само на Струмица, туку и на целиот тој регион.

-Во оваа модерна болница, изградена со најмодерни материјали, со распоред според најразвиените светски болници, пријатно ќе се чувствуваат и ќе може квалитетна здравствена услуга да даваат здравствените работници, но и врвна медицинска услуга пациентите на коишто им е тоа потребно за многу кратко време и се на едно место. Оваа здравствена криза со која сега во овој момент се соочуваме, а тоа е коронавирусот, покажа дека е исклучително важно да имаме модерни болници во којшто може за кратко време пациентите без многу лутање и на едно место да добијат здравствена услуга, а не да се препраќаат во околните болници во другите градови, потенцираше министерот Филипче.

Директорот на Општата болница во Струмица, Гогов, на владините претставници им ја покажа новата градба, новиот проширен дел, давајќи детали за капацитетот на медицинските и дијагностички услуги, кои тука, на едно место ќе бидат овозможени за граѓаните. Тој информираше детално за капацитетот кој се простира на 6 илјади метри квадартни, со 85 кревети, од кои најголем дел електрични, опремени со централен довод на медицински гасови, секоја соба климатизирана и со туш кабини.

Back to top button
Close