По 42 години, разгледница конечно и пристигнала на упатената адреса

Холанѓанка, во средината на седмото десетлетие од својот живот, се израдува на веста дека конечно ќе ја добие посебната разгледница од нејзината сестра, иако со 42 години задоцнување.

Инаку, разгледницата на Лудвина Верховен ѝ била пратена 1980 година, со „поздрав од Вероника, Јан и Матијс“ и слики од кампот „Ховен“ каде што тие летувале. Холандската пошта минатата недела го врати писмото во кампот со забелешка „неточна / нецелосна адреса“.

– Мојата сестра Вероника ја испратила таа разгледница!, изјави Лудвина Верховен за ТВ „Омроеп Брабант“. – Јан, мојот девер, почина пред четири години. Мојот сопруг Пјет нѐ напушти во февруари. Затоа мислам дека е многу посебно да ја добиеме оваа разгледница.

Лудвина рече дека нејзиниот син ги видел извештаите на медиумите за пронајдената разгледница. Таа ѝ се јавила на својата сестра, која ги прегледала нејзините стари фото албуми и открила дека тие истата 1980 година навистина биле во кампот „Ховен“. Лудвина вели оти не е сигурна зошто разгледницата не ѝ била доставена во тоа време.

– Адресата на неа е точна, појасни таа. – Всушност, сè уште живеам таму. И како сега тоа одеднаш повторно се појави?!, се прашува збунетата жена.

Холандската пошта не можеше да го објасни проблемот.

Кампот што оттогаш си го сменил името, најави дека наскоро ќе ја испрати разгледницата на вистинската адреса – во плико.

Back to top button
Close