Почина актерот Метју Пери, ѕвездата од серијата „Пријатели“

Американскиот актер Метју Пери, најпознат по улогата на Чендлер Бинг во популарната ТВ серија „Пријатели“, почина на 54 години.

Актерот бил пронајден мртов во неговиот дом во Лос Анџелес, соопштиле од полицијата.Од ЛА Тајмс и ТМЗ, кои први јавија за смртта на актерот, велат дека Пери бил пронајден без знаци на живот во бањата од неговиот дом.

Од Ворнер Брос ТВ, кои беа продуценти на „Пријатели“ велат дека се потресени од веста.

„Метју беше неверојатно надарен актер и нераздвоен дел од Ворнер Брос. Влијанието на неговата комична генијалност го сврте целиот свет и неговото наследство ќе продолжи да живее во срцата на многумина. Ова е тежок ден и испраќаме љубов до неговото семејство, неговите сакани и неговите посветени фанови“, напишаа од телевизиското студио во соопштението до јавноста.

Метју Пери е роден во Масачусетс во 1969 година, а растел во Отава, Канада. Како тинејџер се преселил во Лос Анџелес каде имал неколку улоги во телевизиски серии.

Сепак, неговата светска слава ја стекна со „Пријатели“ каде глумеше заедно со колегите Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Дејвид Швимер и Мет Лебланк. Пери ја играше улогата на чудниот Чендлер Бинг, кој беше препознатлив по неговиот саркастичен хумор. За улогата доби номинација за наградата Еми во 2002 година.

Серијата „Пријатели“ која ги следеше животите на шест млади пријатели кои живеат во Њујорк се емитуваше од 1994 до 2004 година. Последната епизода во САД ја гледаа 52,5 милиони луѓе што е најгледаната ТВ епизода во 2000-тите

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close