Почина Сол Бамба: Прераното заминување на тренерот на Адана и некогаш успешниот фудбалер
Фудбалот вечерва загуби уште еден славен син, откако 39-годишниот Сол Бамба почина како последица на нагло влошување на неговата здравствена состојба, само еден ден откако беше примен во болница, а неговата Адана замина на првенствен натпревар.
Се надеваа на позитивно сценарио во турскиот клуб по мечот со Маниса, но се случи најлошото можно, бидејќи тренерот на првиот тим не победи во најтешката битка во животот. На жалење на сите почитувачи на неговиот лик и дело од неговите играчки денови.
-Нашиот тренер Сулејман Бамба, кому во петокот му се слоши пред натпреварот со Масиса и беше пренесен во Универзитетската болница во Маниса, „Џелал Бајар“, за жал, го загуби животот. Нашите мисли се со неговото семејство и пријателите, ја информираа од клубот јавноста за трагичниот крај на еден млад живот.
На поранешниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска во 2021 година му беше дијагностициран рак на крвта, но тој успеа да се избори со тешката болест и да се врати на играњето фудбал, но сега и покрај големите напори на лекарите, немаше начин да се спаси.
Сол Бамба е роден во Франција, а професионалната кариера ја започна во Пари Сен Жермен, чија младинска школа ја помина. Подоцна играше за Данфермлајн Атлетик, Хибернианс, Лестер, Трабзон, Палермо, Лидс, Кардиф и Мидлсброу.
Со репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, тој учествуваше на две Светски првенства, исто толку Купови на Африкански нации и на една Олимпијада, собирајќи 46 натпревари во дресот на репрезентацијата на својата татковина.