Поделени улогите во политиката на емоции

Сложеноста на улогата на премиерот Христијан Мицкоски е како да се одглуми државник кој нема да ги исполни ветувањата и од тоа да направи голем успех. Пишува Ерол Ризаов

Во македонската политика на емоции власта ги подели улогите на главните јунаци по поразот на рациото за остварување на најголемите државни интереси. За народен херој е прогласен премиерот Христијан Мицкоски. Тој ја игра главната улога на праведник и национален водач кој го враќа достоинството и гордоста на народот „Македонија пак твоја.“

Сложеноста на улогата на премиерот Мицкоски е како да се одглуми државник кој нема да ги исполни ветувањата и од тоа да направи голем успех. Секако тоа е дозволена доктрина во политиката ако не се открие. Претседателот на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе држи секојдневни предавања за правдата и неправдата, за меѓународното право, како сите да сме студенти на правниот факултет. Вечерен брз курс за правна култура. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е целосно определен за евроатланските интеграции на Македонија, на општо изненадување прифаќајќи ја реалноста дека Преговарачката рамка со ЕУ не може да се менува. Вицепремиерот и министерот за сообраќај Александар Николоски ќе работи на капитални сообраќајни проекти кои со брзи пруги ќе ја поврзат Македонија со Солун и Европа, но и со Бугарија, нови автостради и брзи патишта низ Македонија. Сите други во власта ќе играат „главни“ споредни улоги.

Долгометражен филм за упропастување на државата
Да ги видиме режијата и сценариото на долгометражниот филм за упропастување на државата. Значи филмот почна со драматични сцени на велепредавствата на претходната власт за склучените катастрофални понижувачки договори со Грција и со Бугарија, со решителна пресметка со носителите на криминалот и корупцијата, со виновниците за економскиот колапс. Тоа хорски го пеат сите во власта како продолжено ехо од предизборната кампања.

Премиерот Мицкоски е концентриран како да се одложат преговорите со ЕУ по локалните избори што ќе се одржат идната година. Изгубеното време не му е битно, кога веќе сме изгубиле 25 години. До локалните избори треба да се заборават ветувањата од предизборните кампањи кои доведоа до големата победа на ВМРО ДПМНЕ. По локалните избори во 2025 година кои ќе чинат околу 500 милиони евра ново задолжување, опозицијата ќе биде конечно нокаутирана, а долгата рака на ВМРО ДПМНЕ ќе ги среди медиумите за што веќе имаат повеќе годишно искуство.

Сценариото кое веќе тече, речиси без пречки, премиерот Мицкоски го игра во три улоги. На домашната сцена не се симнува од екраните и од социјалните мрежи со својот тврд став дека нема попуштање ни кон Европа, ни кон лошите соседи. Жестоко продолжува да удира и на домашните предавници и државни непријатели. Има поза која треба да долови изглед на гордост и достоинство.

Кога е во странство, особено во Брисел, престолнината на ЕУ, таму веќе има промена во улогата. Што Мицкоски им кажал на соговорниците и ги расплакал со тажалките, а што тие му кажале, не мора јавноста во Македонија да знае и непотребно да се вознемирува. Македонските медиуми ќе објават ексклузивни изјави на премиерот за големите неправди што Европа и соседите ни ги прават со децении. Ете тоа им го треснал во лице на европските бирократи нашиот главен јунак и народен херој од што тие ги наведнале главите од срам.

Неправдите кон Македонија и од ЕУ и од соседите ги знаеме, но козметиката со мала шминка како тие да се прифатат и да се донесат уставните измени, тоа во овој момент може да вознемири многу луѓе со откривање на лагите од предизборните ветувања што може да се одрази и на локалните избори. Затоа ќе продолжи политиката на емоции која Мицкоски ја глуми трогателно и за меѓуетничките и за меѓумакедонските односи.

Останува актуелна и натаму поделбата на Македонци патриоти и Македонци предавници и лошите криминогени Албанци во опозиција и добрите и чесни Албанци во власта. Другите што живеат во Македонија не се битни, тие и така се најлојални граѓани. Такви и ќе останат и со нив не треба никој да се заморува.

При една вакво поделено општество, за да не се види виновникот, кој успеа да победи на избори со пропагандата на прогласување патриоти и предавници, на добри и лоши Албанци, на криминалци и чесни, најдобро е секојдневно да се повикува на единство кое нема да ги доведе во прашање фундаменталните определби за Македонија повторно твоја и Македонија повторно горда. Така кичмата ќе биде постојано исправена и повеќе не ќе може да се свитка, да не може човек да се наведне од болка.

Претседателката, ќе зборува во ОН, ќе им одржи велелепно предавање на светските државници за меѓународното право, ќе ги искара храбро жандарите на светот кои не препознаваат правда, заглавени во интересите и само интересите. Тоа секако ќе има голем одек од Табановце до Гевгелија. За секој случај ќе треба да настапи и во Собранието на Македонија за да не останат неразјаснети неправдите што ни ги прави светот на интереси.

Во политиката нема вечни решенија
Министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски, по консултациите со премиерот, ќе продолжи со своите активности за одблокирање на преговорите со ЕУ, но ќе мора малку да се корегира во изјавите дека не може да се промени преговарачката рамка со ЕУ, но ќе може да се одржува со празни зборови прозападниот и проевропскиот курс без оглед што тоа не е изводливо.

Вицепремиерот Александар Николоски по Нова Година ќе ја смени плочата за „мизерните и маргинални“ бугарски политичари, а ќе ја корегира и својата изјава дека „Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ“. Премиерот Мицкоски веќе му испрати јавна опомена со изјавата дека Албанија, како и сите соседи ја претркаа Македонија на европскиот пат. Само што не кажа кој е виновен за тоа. Кој ги блокираше сите договори кои требаше да означат продолжување на преговорите со ЕУ. Така што, Николоски ќе остане на своите визии за капиталните проекти во наредните најмалку осум години, како што предвидува дека ќе владее ВМРО ДПМНЕ, поточно додека тој не ги заврши сите свои визионерски проекти. Ако ја прифати старата идеја за пловен Вардар до Белото и Црното море може да обезбеди и сто години владеење на единствената легална револуционерната партија во Европа.

Има ли излез од оваа политика на Рашомон и атак врз емоциите на граѓаните, кои лесно прераснуваат во омраза и милитантен национализам, диктатури и заробени држави. Решението е едноставно, бидејќи консензусот е веќе постигнат, нема кој да го блокира ако се стави на дневен ред во Собранието на Македонија.

Продолжувањето на преговорите со ЕУ, што во суштина значи спроведување на реформите во наредните пет или десет години, во зависност од нас, е единствениот начин Македонија да стане пристојна и самоодржлива држава. Секоја друга алтернатива е погрешна имајќи ги предвид последиците од натамошната изолација на Македонија и престижот на соседите и нивното членство во ЕУ. За она од што не сме задоволни ќе остане да го сработат идните генерации на кои ќе им биде полесно ако ги имаат позициите на членството во ЕУ и во НАТО каде можат да ги отстранат направените неправди. Тоа веќе се случи со повеќе нови членки на ЕУ. Премиерот Мицкоски може за тоа да дознае многу повеќе од својот пријател, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, а и од искуствата на другите источноевропски земји кои станаа членки на НАТО и на ЕУ. Колку беа свиткани нивните кичми и изгубена гордост пред евроатланските интеграции, а какви измени се случија во односите по постигнатите најголеми државни приоритети. Едни се правилата кога сте во европската чекална, а сосема други кога сте на иста маса и учествувате во одлуките. Во политиката нема вечни решенија.

Се разбира, ЕУ не треба да се идеализира. Секогаш може да и се каже НЕ ако имаме подобри решенија. Многу пожестоки и поиздржани се критиките на европските погрешни политики откако ќе станете членка на ЕУ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close