Поднесена анонимна кривична пријава против Бојан Христовски

Анонимна кривична пријава со наводи дека Бојан Христовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), приложил исправа со невистинита содржина, за да ги исполни условите и да биде назначен за директор на тајната служба. Информацијата за Пресс24 ја потврдиле од ОЈО Скопје, од каде велат дека пријавата е распределена кај јавен обвинител и по неа се постапува.

„До Основното јавно обвинителство Скопје е доставена анонимна кривична пријава, која е распоредена кај јавен обвинител и по која се постапува“, се вели во одговорот од Обвинителството.

Пријавата се однесува на јазичниот ТОЕФЛ сертификат на Христовски од бугарската јазична школа Јулија, чии сертификати се прогласени за фалсификати.

„Скандалот со незаконското поставување директор на АНБ се проширува. Документи доставени до нас од свиркачи покажуваат дека Бојан Христовски нема вкупно 5 години стаж на раководна позиција, што е законски услов за да може да биде директор на АНБ“, реагираат од СДСМ.

Предистрагата што Обвинителството ја отвори е прва за Христовски и неговото назначување поради сомнежи дека не исполнува повеќе услови за вршење на највисоката безбедносна позиција во државата.

Обвинителството неодамна соопшти дека ќе ја почека одлуката на Антикорупциската комисија, а одлуката на ДКСК ја чекаше и премиерот Мицкоски. ДКСК порача дека секој може да си ги работи истрагите и обврските согласно законските надлежности.

Владата на седница на 16 октомври го разреши дотогашниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски и на негово место го назначи Бојан Христовски.

Христовски на директорската позиција доаѓа од Министерството за внатрешни работи.

Како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, по локалните избори во октомври 2021 година, тој краток период беше директор на јавното скопско претпријатие „Градски паркинг“, но замина од позицијата во септември 2022 кога почнаа недоразбирањата и јавните препирки меѓу партијата и градоначалничката Данела Арсовска

Back to top button
Close