Покријте ги и зелените стрелки на семафорите
Денко Малески
Англичаните рекле дека само закони кои доброволно се почитувани од 80 проценти од граѓаните се применливи. Имено, во таков случај, властите ќе најдат начин да се справат со оние 20 проценти кои не ги почитуваат. Но, ако само 20 проценти ги почитуваат а 80 проценти од граѓаните не ги почитуваат законите, тогаш нема кој да не спаси од нас самите.
Во поведението на луѓето е слабоста на нашите закони генерално, па оттаму и на законите и правилата во сообраќајот. Во моменти на тага по уште еден изгубен живот и гнев кон ужасните екцеси на неодговорни поединци, не треба да бегаме од вистина. Вистината дека малкумина ја почитуваат пропишаната брзина.
Обидете се да возите по „Партизанска“ со дозволените 50 км и ќе се уверите дека 80 проценти од возилата ќе ве претекнат. Иста е ситуацијата и на патиштата надвор од Скопје во однос на брзината и таблите покрај патот.
Колите се симболи на лична слобода и индивидуализам но она што не го разбираме доволно е дека втората страна на слободата е одговорноста. А ние, пак, слободата ја разбираме токму како слобода од одговорност.
Ригорозни казни и контрола е еден од начините да се справиме со непочитувањето на сообраќајните правила. Во ера на технички иновации камерите поставени на улици како „Партизанска“ можат деноноќно да ги регистрираат прекршителите. Сознанието за ваквата контрола ќе ги принуди возачите да се дисциплинираат.
Потребни се и некои мали но важни промени. На пример, да се отсрани еден сообраќаен знак кој е причина за секојдневни нервози, навреди, пцости и повреди.
Имено, нашите семафори треба да имаат само „СТОЈ“ и „ОДИ“и да се отсртанат стрелките кои покажуваат „зелено“ на лево или на десно и кои им пресекуваат пат на пешаците кои тргнале да преминуваат. Семафорот на крстосницата на „Рузвелтова“ и „Орце Николов“ кој има такви стрелки, на лево и на десно, овозможува во исто време да тргаат пешаци и колите кои им го сечат патот на пешачкиот премин. Покријте ги тие стрелки оти тие се наменети за народи кои знаат да даваат предност. Премалку го има такви кај нас – во животот па и во сообраќајот.