Полицајци во Њујорк, Флорида, Џерси им се поклонија на демонстрантите

Полицајци од Соединетите Американски Држави искажаа солидарност со демонстрантите кои протестираа поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина откако нивни колега во Минесота речиси девет миути со нога му го притискаше вратот, пренесуваат странските агенции.

На социјалните мрежи се прикажани снимки и фотографии на кои се гледа како полицајци, со маски на лицето, клечат на едно колено заедно со демонстрантите.

Полицајците искажаа солидарност во Њујорк, Флинут во Мичиген, Корал Гејбелс на Флорида, Санта Круз во Калифорнија, Камден во Њу Џерси, Канзас Сити и Фергусон во Мисури, Фарго во Северна Дакота …

Двајца полицајци во Канзас Сити, еден Афроамериканец, а другиот белец, заедно држат транспарент на кој пишува: „Прекинете ја полициската бруталност“.

Во Фарго е снимен транспарент на кој стои: „Сите ние сме една раса…човечката раса“.

Шефот на полицијата во Санта Круз, Енди Милс, кој се придружи на демонстрантите, имаше напис: „Во спомен на Џорџ Флојд и привлекување внимание на полициското насилство врз темните луѓе“.

Некои полицајци низ целата земја велат дека однесувањето на полицаецот од Минеаполис, што доведе до смртта на Флојд, е неприфатливо.

Back to top button
Close