“Политичка наратософија” – нова книга од Сенка Анастасова  промовирана во Париз, во разговор со Жак Рансиер

Нова, научно-филозофска, иновативна книга од Сенка Анастасова, универзитетска професорка по филозофија и докторка по филозофски науки, естетика и политичка филозофија, беше промовирана месецов во Париз, Франција, заедно во комуникација, читање, разговор и средба на Анастасова со познатиот светски филозоф Жак Рансиер во култниот простор Рошешуа, во срцето на Пигал.

Политичка наратософија – од теорија на нарација дo политичка имагинација, е нова филозофска книга која само што излезе во печат на Ратлиџ Прес и се однесува на политички интерпретации и интервенции во творештвото на Жак Рансиер, Ненси Фрејзер и Пол Рикер.

Како што се вели во описот на книгата, Политичка наратософија e критичко и субверзивно премислување на политичкото, филозофското и естетското значење на процесите на нарација и обликувањето на идентитетските практики низ историскиот материјализам.

Во оваа книга Анастасова субверзивно поставува епистеми за ново премислување на феминистичката епистемологија низ призмата на феминистичката социјална филозофија, демократијата, радикалната демократија, еманципаторските практики и значењето на сепството низ процесите на нарација и уметноста. Во рецензиите на книгата, стои дека Анастасова во оваа книга создава иновативен уникатен неологизам, кованица што ја нарекува ‘’наратософија‘’, а се однесува на филозофијата на наративот, идентификацијата и не-идентификацијата на флуктуираните зони на граници и отпор (географски, класни, естетски, уметнички, политички, идентитетски, постколонијални, миграциски, социјално репродуктивни практики), низ сериозен дијалог што Анастасова го прави преку препрочитување и поврзување на делата на едни од најеминентните и субверзивни филозофки и филозофи на денешницата, Фрејзер, Рансиер, Рикер.

Ратлиџ ја најавува оваа книга како една од најзначајните интервенции во политичката филозофија и значајна референца во историографијата особено на женските авторки кои живееле во дваесетиот век на комунизмот и пост социјализмот.

Со овој престој и разговор помеѓу Анастасова и Рансиер во Париз, Анастасова ја започна промоцијата на оваа книга во Европски контекст. Книгата е издадена во едицијата на Ратлиџ – Иновации во политичката теорија денес.

Back to top button
Close