Политички институции со деменција

Секогаш сум ѝ давал предност на работата над церемониите и прославите. Во текот на мојата универзитетска кариера ниту еднаш не ставив тога за да учествувам на некава промоција. Истите церемонии на универзитети во Англија или Америка врз мене оставаа силен позитивен впечаток. Ги доживував како финале на една посветена,колегијана, несебична, дициплинирана и чесна работа на професорите, работа која стреми кон одличност, непријателот на доброто. Церемонии без сето претходно наброено се шупливи и во служба на личната промоција на учесниците, партнери во измама. Ете затоа, иако не сум пропуштил еден единствен час во мојата професорска кариера, ги пропуштив сите церемонии.

Кога, во една прилика, владата на Груевски славеше годишнина од независноста, ме изненадија со покана за учество. Но, и таму не отидов. Имено, ме канеа на трибина за почетоците на нашата независнот и меѓународното признавање на Македонија во својство на – слушател. Зборуваа само интелектуалци и политичари лојални на владеачката партија, додека моето место беше во публика. Се разбира, не можев да си дозволам да слушам некој да ми кажува што јас сум работел, па и таму не отидов. „Режимот“ падна но политчката деменција остана. Денес има голема прослава по повод триесет години од потпишувањето спогодба за воспоставување дипломатски односи помеѓу нашата држава и Словенија. Повторно сум поканет да седам во публика. Како што е ред по протокол, други ќе зборуваат. Но, без меморија за почетоците, нема традиција која се пренесува од генерација на генерација, традиција врз која почива секоја држава.

Се сеќавам многу живо на тој 17 март 1992 година, пред триесет години. Беше тоа еден студен сончев ден. На пистата на стариот аеродром бевме застанати со претседателот Киро Глигоров во очекување да слета авионот со словенечкиот претседател Милан Кучан и министерот за надворешни работи Димитриј Рупел. Македонија која ја прогласи својата независност, за прв пат, требаше да пречека шеф на држава со сите протоколи, па тука беше и воениот оркестар да ги интонира химните на двете држави, а на пистата беше спростран некаков скромен црвен килим. Малиот авион од Словенија, ни јавија ќе доцни, а ветерот стануваше се постуден. Толку студен што членовите на воениот оркестар влегоа во еден неугледен хангар покрај пистата. Со претседателот останавме на пистата, но не предолго. Смрзнати, во еден момент се погледнавме и влетавме во хангарот каде што беа членовите на воениот оркестар. Така, стуткани сите заедно, чекавме да се спушти авионот со Кучан и Рупел. Тогаш, истрча оркестарот, се нареди покрај црвениот килим, а по нив и претседателот и јас. Одново се воспостави хиерархијата за пречек на драгите гости од бившата југословенска република Словенија.

Нашиот претседател си го имаше муабетот со претседателот на Словенија уште од југословенските времиња. Во текот на Конференцијата за Југославија бев сведок и учесник на разговори на истомисленици. Глигоров и Кучан лесно се разбираа. Ситуацијата не беше идентична меѓу мене и Рупел. Во дебатите на Конференцијата тој сметаше дека претставниците на другите републики имаат само две алтернативи: српската и словенечката. Ми требаше време да му објаснам дека она што нему му изгледа како „нешто помеѓу“ е, всушност, легитимна трета позиција условена од специфичната геополитичка положба и внатрешното уредување на Македонија. Рупел, нагласено ја играше улогата на „антикомунист“ што мене не ми се допаѓаше. На една од сесиите со која претседаваше Лорд Карингтон, при влегувањето на сојузниот секретар за надворешни работи Будимир Лончар во салата, Рупел, за сите да слушнат, му довикна на хрватскиот министер за надворешни работи Шепаровиќ: „Што бара овој комунист тука?“. Сјајниот Карингтон, со извонредна смисла за хумор, се наведна кон микрофонот и промрморе: „Комунист, кој рече комунист? Па вадите пиштоли и пукајте“.

Македонската и словенечката приказна среќно заврши. На денешен ден, 17 март 1992, во Скопје, министерор Рупел и јас ја потпишавме спогодбата за воспоставување дипломатски односи помеѓу двете суверени држави и срдечно се ракувавме.

Денко Малески

Back to top button
Close