Половина милион вакцини Синовак се очекува да пристигнат неделава

Со Синовак ќе бидат вакцинирани 448.502 граѓани коишто изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата.

Ново количество од вакцините „Фајзер“ треба да пристигне во текот на денот, а 500 илјади вакцини на кинески „Синовак“се очекува да пристигнат во С. Македонија до крајот на неделава.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека со половина милион вакцини од „Синовак“ ќе бидат вакцинирани пријавени лица на vakcinacija.mk. Досега 448.502 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата.

Досега вкупно се аплицирани 442.928 дози вакцини, а ревакцинирани се 187.120 граѓани. Со последните бројки, 48% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42% од населението над 65 години и 35% од населението над 60 години.

Во меѓувреме, голем број македонски граѓани сѐ уште патуваат во соседна Србија, каде се отворени неколку пунктови за вакцинација, на кои можат да изберат со која вакцина ќе се имунизираат. Дел од граѓаните над 60 години, коишто ја примија првата доза на АстраЗенека во Србија, почнаа да добиваат пораки за закажани термини за ревакцинација во С. Македонија.

Вчера, за првпат по 2 септември 2020, не беше забележан ниту еден починат од Ковид-19. „Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а еднствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме“, порача министерот за здравство Венко Филипче.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close