Полската левица предложи закони за легализација на абортусот

Полската левица, членка на коалицијата која го контролира новиот состав на Парламентот, предложи два предлог-закони за легализирање на правото на абортус, кое во моментов е едно од најрестриктивните во Европа, изјави денеска нивниот претставник.

Еден од предлог-законите „предвидува целосна легализација на правото за прекинување на бременоста до 12-та недела од бременоста (…), а другиот ја депенализира помошта за време на абортус“, изјави пратеничката Ана Марија Зуковска.

Два предлог-закони беа поднесени вчера, на првиот ден од седницата на новиот парламентарен состав избран во октомври.

Два спротивставени блока – националистичките популисти од партијата „Право и Правда“ (ПиС), кои беа на власт досега, и проевропскиот блок, предводен од поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск – тврдат дека победиле на изборите и сакаат да формираат влада.

ПиС навистина освои најголем број места, но не може да формира мнозинство, а проевропските сили би го можеле тоа.

Тие вчера го избраа Шимон Холовнија за претседател на Долниот дом на парламентот.

Легализирањето на правото на абортус е дел од програмата на две од трите проевропски формации, односно левицата и Граѓанската коалиција на Доналд Туск.

Полските закони против абортусот се меѓу најрестриктивните во Европа. Во 2020 година, Уставниот суд застана на страната на националистичката влада, одлучувајќи дека прекинувањето на бременоста поради деформитети на фетусот е „неуставно“.

Абортуси не се дозволени во случај на силување или инцест, дури и кога животот на мајката е во опасност.

Законот во теорија им дозволува на лекарите да вршат абортус кога животот на жената е во опасност, но тоа во пракса е толку ограничено што лекарите се плашат да го направат тоа.

Законот предвидува затворска казна до три години за секој што ќе изврши абортус, ќе и помогне на жената или ќе ја поттикне да абортира.

Back to top button
Close