Полскиот премиер ги обвини Русија и Белорусија за хакирање

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска ги обвини руските и белоруските тајни служби за хакерски напад врз државните системи и објавување на изменети електронски пораки, кои наводно покажуваат врски меѓу владата и судството.

Моравјецки објавувањето на мејловите го нарече „провокација” со цел да се создаде раздор во Полска, поради поддршката на Варшава за Украина во војната со Русија.

Во мејловите од 2019 година, кои протекоа во јавноста во понеделникот, неговиот главен советник Михал Дворчик го информира Моравјецки дека разговарал за одредени судски случаи со „претседателката” Јулија П. и дека тие се суспендирани.

Се шпекулира дека „претседател” е всушност Јулија Прилебска, претседателка на Уставниот суд на Полска. Таа изјави дека „никогаш не разговарала за пресудите на Уставниот суд со никого, освен со други судии”.

Полскиот печат веќе неколку месеци пишуваше за наводната преписка меѓу Моравјецки и Дворчик. Полската влада ја негира автентичноста на преписката, иако некои од споменатите во неа рекоа дека е автентична.

Back to top button
Close