Попис: Крајот на светот е одложен на неодредено време

Се попишуваме. Надлежните од Државниот завод за статистика велат дека интензитетот е „посакуваниот“, а дека потешкотии не се очекуваат до крајот на целата операција.

Тоа ви е така во Македонија: со месеци закрвавени полемики, жестоки партиски препукувања, милион оф-леле-статуси по фејсбук и твитер, по две-три опозициски катаклизмични најави дневно… А, потоа, сѐ си тече според планот. На оние, малкумина, кои одбиваат да се попишат, им пристапува и државен инструктор, па и тие, со малку „квалификуван“ разговор и дообјаснувања, прифаќаат да ги дадат своите податоци. Токму како што треба во една цивилизирана, демократска држава. Вчера слушнавме дека некој барал да биде попишан од невакциниран попишувач – па, и тоа барање му го задоволиле!

Да не се разбереме погрешно: демократската дебата не само што е нормална, туку е и неопходна за важни (и помалку важни) општествени проекти и процеси – без тоа нема корекција на оние кои владеат со земјата. Но, „заробувањето“ на јавноста во една перманентна негативистичка, црна, депресивна, непријателска, линч-атмосфера не користи никому, а им штети на сите.

Пописот, имено, е одлична илустрација за ова: без значајни компликации, до викендов ќе се попише половина нација, и „предавниците“ и „патриотите“ ќе бидат уредно регистрирани. ДСЗ инсистира граѓаните да ги легитимираат попишувачите и, доколку сакаат, да проверат што е запишано во пописниот лист. Предвидувањата се дека никакви посебни и големи изненадувања во статистиките нема да се случат, а долго одложуваните пописни податоци ќе помогнат во многу области за уточнување на државните и други политики.

Така, барем за Пописот, „крајот на светот“ е одложен на неодредено време.


Kолумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close