Пописот тест за зрелоста на државата во функција на планирање на иднината и евроинтеграцијата

– Државниот врв е едногласен дека спроведувањето на пописот во април месец е висок државен интерес и потврда за зрелоста на државата. Пописот е предуслов за секоја организирана држава да може да го планира својот развој и со законските решенија ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно стандардите на Обединетите Нации и Евростат, односно според врвните глобални и европски стандарди и практики.Претседателот Стево Пендаровски на состанок вчера на држваниот врв и градоначалниците организиран од Државниот завод за статистика за координација во врска со претстојниот попис, истакна дека проблемите поврзани со пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени, а најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад, а е, вели, рефлексија на стравот од резултатите од пописот. Според мене, нагласи Пендаровски, тој страв произлегува од погрешното разбирање на концептот на човековите права како наводно, збир на привилегии што некој некому му ги дава или му ги одзема.

– За жал, точно е дека на Балканот правата на луѓето сè уште се гледаат низ етничка призма и пописот не се перцепира како статистичка операција, туку како политички проект. Затоа, кога се пребројуваме во регионот ние сè уште веруваме дека силата е во бројките и дека само од тие бројки зависат нашите права. Тоа е и главната причина зошто речиси 20 години немаме организирано попис и зошто го прекинавме во 2011-та. Но, човековите права и слободи не се привилегии што можат да се изгубат или одземат во зависност од нечија волја. Во една демократска држава со европска иднина, стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат, и тоа треба да важи за сите граѓани, независно од нивната бројка, истакна претседателот Пендаровски.

Во таа смисла, додаде тој, политизацијата на пописот е само дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, а, тие се најмногу во економско-социјалната сфера, владеењето на правото, и како нивна последица – иселувањето.

Back to top button
Close