Поранешниот ерменски претседател Роберт Кочарјан уапсен под обвинение за корупција

Поранешниот ерменски претседател Роберт Кочарјан, остар ривал на премиерот Никол Пашинјан, денеска е уапсен под обвинение за корупција и злоупотреба на јавни средства, соопшти Обвинителството.

Седумдесет и едногодишниот Кочарјан, кој беше претседател на Ерменија од 1998 до 2008 година, заедно со други негови соработници е обвинет за злоупотреба на власта со цел присвојување јавни средства, перење пари, како и стекнување имот чија цена била „значително пониска од пазарната“, соопшти Антикорупцискиот комитет.

Во рамките на истрагата се уапсени уште шест лица, меѓу кои и синот на поранешниот претседател, Седрак Кочарјан. Во домот на неговиот друг син, опозицискиот пратеник Левон Кочарјан, кој вчера влезе во расправија со премиерот Пашинјан во парламентот, во моментов се врши претрес. Се претресуваат и десетици други локации, меѓу кои и компании поврзани со семејството Кочарјан, додава Антикорупцискиот комитет.

Кочарјан засега не одговори на обвиненијата, додека неговиот адвокат Арам Орбелјан се воздржа од коментар.

Поддржувачите на Роберт Кочарјан на апликацијата „Телеграм“ го осудија „новиот напад на властите врз поранешниот претседател и неговото семејство“.  Кочарјан и претходно беше обвинуван за корупција. За неговите критичари, тој го олицетворува политичкиот елитен круг обвинуван за ограбување на Ерменија, кој премиерот Пашинјан го отстрани од власт во текот на мирната револуција во 2018 година.  Истата година, Роберт Кочарјан беше уапсен и неколку месеци мина во притвор по обвиненија за изборни измами поврзани со претседателските избори во 2008 година.

Обвиненијата подоцна беа повлечени, а случајот беше затворен во 2021 година.  За време на својот претседателски мандат, Кочарјан се залагаше за поблиски односи меѓу Ереван и Москва, која е главен снабдувач на енергија за Ерменија. Тој отворено ги критикуваше и политиките на Пашинјан кон Русија.

На крајот од својот втор мандат во 2008 година, Кочарјан беше назначен на висока функција во руски конгломерат. Поранешниот претседател долго време уживаше статус на херој од првата војна во Нагорно-Карабах на почетокот на 1990-тите години – територија за која Ерменија и Азербејџан во неколку наврати војуваа по распадот на Советскиот Сојуз.

Back to top button
Close