После смртта на Британската Кралица, Шекспирова трагикомедија

пишува: АГРОН БИБА

Во 1972 година, се оддржува научна дискусија со наслов, Дали трепетот на пеперуткините крилца во Бразил, може да предизвика торнадо во Тексас?

Во 2021 целата човештина живее во пеколното пандемичко торнадо од претпоставениот трепет на лилјаковите крилја од Вухан.

Со филозофска и поетска претпоставка дека едни кревки  пеперуткини и лилјакови крилца би можеле да предизвикаат разурнувачки торнада од светски размери, тогаш замислете што можат да предизвикаат едни бумбарови брегзитски криља на Борис Џонсон?!

Јас сум англофил, или ако треба појаснување, британофил. Сакам се што Британија, или Обединетото Кралство претставува, дали во општествено-политички живот, во спортот, во музиката, театарот, филмот и се што значи англо-саксонска историско-културно-политичка оставштина. Но, истовремено го мразам брегзит и тоа што тој претставува за Обединетото Кралство, Европската Унија и пошироко во светските рамки. Имам голема абверзија кон популизмот и политичките блебетања и сите човечки и политички гафови на Борис Џонсон.

Во Британија, не се знае кој е чија карикатура, дали Најџел Фараж  е Борис Џонсонова карикатура или е обратно. Но, има уште еден по опасен и позаостанат политички диносаур во Британија. Тоа е Џејкоб Рис Мог. Џејкоб Рис Мог е типичен, што би рекле британците, еден ‘литл ингландер’ или во превод, мало англичанче  и се што тоа претставува.

Да ви кажам за една стара англиска анегдота од времето на Британската Империја, тогаш кога Британија владееше со светските мориња и далги, тогаш кога во Британската Империја сонцето НИКОГАШ не заоѓаше-

Англичанец му вели на друг англичанец- Имам еден пријател, има комплекс на ниска вредност.

Чудно. Како може англичанец да има таков комплекс. Што му е ? Прашува вториот.

Па ете, мисли човекот дека е еднаков со сите други нации и народи во светот!!!!!!!

Да, се разбира дека овој вид на англичани е заостанат, диносаурски вид, од типот на горе спомнатите, Најџел Фараж, Борис Џонсон, Џејкоб Рис Мог, Ен Видекомб, Ијан Данкан Смит и на нив слични типови кои сеуште мислат дека е 18 или 19 век, нешто слично на нашите кафански пијаници, но во случајот на Британија, овие се обично од Колеџот ИТОН или се Оксбридџ образовани, но менталниот склоп им е ист. Нивниот најголем комплекс, е тоа што мислат дека немаат никакви комплекси или недостатоци. Овие типови се тие кои го предизвикаа Брегзит, најголемата геополитичка самоуништувачка грешка на Обединетото Кралство во историјата на неговото постоење. Жално и трагикомично, за Британија, За Европската Унија и ако сакате за целиот напреден свет. Брегзит не можеше да се случува во полошо време и момент. Имаме светска пандемија на коронавирусот и во блиска иднина, неминовно не очекува и смртта на нејзиното Височество, многу почитуваната и многу саканата Кралица Елизабета II.

После објавувањето на една едиторијална колумна во  ‘The Guardian’ во 2017 година, веќе е јавна тајна што и како ќе се одвиваат првите секунди, часови, денови и недели после објавувањето на смртта на Кралицата Елизабета. Јавна тајна е дека тој момент се вика Операција Лондон Бриџ или како што повеќе се препознава со насловот на неговата прва реченица на објавата, Лонд’н Бриџ ис Даун (London Bridge is down), или во превод, Лондонскиот мост е паднат.

Тој неминовен момент ќе предизвика тектонски геополитички земјотреси.

Дали и нашата Македонија ќе биде засегната од новата геополитичка инсталација после паѓањето на Лондонскиот мост? Да, ќе биде засегната, но ќе беше уште позасегната ако не беше Северна Македонија и ако беше надвор од Северно Атланската Алијанса.

Секој што ја следи глобалната политика, не може да го игнорира овој неминовен момент што ја очекува Британија, Европската Унија и Комонвелтот, а со тоа и глобалната политика, затоа што едноставно се работи за една од сталните пет членови на советот на безбедност во Обединетите Нации, една од петте со право на ВЕТО.

Додајте и на ова Британска Манџа и малку вегета од бившите случувања од распадот на Југославија и имате совршен рецепт за политички хаос од светски размери. Непотребно предизвикан од неизчешланиот Цар Борис Џонсон, кој се замислува дека е Винстон Черчил, и Џејкоб Рис Мог кој си ја продал душата и неговото литлингландерско душиче на Доминик Камингс, политичкиот маверик, коишто успеа да го расее новиот политички отров НОВИЧОК во Тен Даунинг Стрит.

Каде ќе им лежи нивната политичка литл-ингландерска душичка, само еден Господ знае.

Како и коронавирусот, кој има свои нови мутирани подвидови, и литл-ингландерите имаат свои мутирани типови. Се препознаваат по тоа што кога имаат чест да гостуваат на телевизиските програми, во позадина поставуваат се поголеми и поголеми Британски Знамиња.

Новинарите и социјалните мрежи веќе им најдоа прикладно комично и заслужено банално име, ќе ми извинете за преводот, „знаме-ебачи“ или флагшагерс (flagg shaggers). За жал, овде во Балканот, сите знаеме каде не одведоа таквите типови кои беа знаме онадувачи од типот на ‘ела море знаме да те гушнам’ како што правеше Доналд Трамп во неговите перпетуални политички кампањи. Затоа и Шешељ веднаш го препозна и си испринта Ти ш’рт или маичка со негов лик под кое пишуваше, Трампе Војводо, и гордо ја носеше во Српскиот Парламент. Се разбира, дека национал-шовинистите се препознаваат и се сакаат меѓу себе.

Мене ме чуди дека луѓето се чудат кој победува во трката за вакцинација во Балканот, Европа или Светот?!

Па нели таа трка испадна нехумана (со главен кривец Светската Здравствена Организација) и се нарече политика на националистичка вакцинација?

Гледајте само кој имаше најголем успех во вакцинацијата и ќе заклучите кои земји се најнационалистички т.е НАЈ ЕГОЦЕНТРИЧНИ. За жал, целото човештво се избрука пред лилјаковите крилца. Најнапред парите, па геополитиката и најсетне хуманост или човештина. Светската Здравствена Организација треба да се засрами од својата немоќ и од својата помпезност, заедно со Обединетите Нации, а и Европската Унија треба да се замисли и да се погледне во огледало. А како граѓанин на Република Северна Македонија, таа Македонија која помина вистинска голгота во последните три децении, поготово во последната декада, би ја прашал и Северно Атланската Алијанса….

Џе си била бре НАТО алијансо док ме је ковид љубио и док ме је Вучиќ Крагујевачки или Десанка Максимовичка пелцовао?!?

Денес е петок, 23 април, роденеден На Вилиам Шекспир и негов смртовден истовремено.

Сакав јавно да му изразам големо сочувство на Албанскиот Театар во Скопје и на целата Македонска Театарска јавност, како и на неговата фамилија, за големата загуба на Љуран Ахмети, кој прерано замина од овој свет погоден од смртоносната и погана болест на коронавирусот.

Внимавајте почитувани читатаели. Немирите во Белфаст почнаа. Денес, во Лондон се закажани големи протести на фудбалските фанови кои ќе почнат во 19.00 часот. Кралицата Елизабета само што стана вдовица и е во длабока старост. Ако не се освестиме и глобално и локално, не очекуваат глобални трагикомедии кои ни Шекспир ни Шекспирица не ќе може да ги напишат.

 

Post scriptum -1: “Happy St. George’s Day, to everyone that hates Brexit”

(Среќен Ѓурѓовден на сите тие кои го мразат брегзит)

Post scriptum-2: “Today, football is coming home to London”

(Денес, фудбалот се враќа дома во Лондон)

Извор: Цивил Медиа

Back to top button
Close