Поставен камен темелник на нова градинка во Расадник со капацитет за 120 деца

Камен темелник на нова градинка во населбата Расадник со капацитет за 120 деца, беше поставен денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и на заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

Како што беше соопштено на настанот, објектот ќе се протега на површина од 795 квадратни метри, со шест занимални, од кои две за јасли. Вредноста на капиталниот проект е 35 милиони денари.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека со завршување на изградба на овој објект, целосно се затвораат листите на чекање во градинката „8 Март“.

– Од почетокот на мојот мандат, со наследена листа на чекање со 450 деца, во изминатите три години вложивме во отворање две нови детски градини и проширување на капацитетите и обнова на дури седум други објекти. Со тоа, во општина Кисела Вода, сега за упис чекаат само околу 40 деца. Во моментов, во завршна фаза е изградбата на градинката „Верверичка“, во близина на општинската зграда, а веќе сме во процес и за изградба на нова градинка во населбата Потстаница. Со завршувањето на овие објекти, вклучително и денешниот, нема само да ги елиминираме листите на чекање, туку ќе обезбедиме поголем простор, комфор и подобри услови за децата од Кисела Вода, а ќе имаме можност да примаме и дечиња од други општини, нагласи градоначалникот.

Премиерот Мицкоски кажа дека продолжуваат со инвестирање на целата територија на државава.

– Она што е важно е дека мораат граѓаните да се чувствуваат комотни, да ја вратиме надежта и она што е многу важно, да покажеме дека нема веќе да работиме по принципот како досега, туку со иновативни методи ќе си ја развиваме нашата татковина, Македонија. Тоа е она што ние како Влада, имаме намера да го правиме, рече премиерот.

Тој посака уште многу вакви проекти ширум државата.

– Продолжувам и понатаму како Влада, преку оној проект за децентрализација од буџетски средства кон општините, да инвестираме на цела територија на Македонија. Веќе неколку проекти овде во Кисела Вода се потпишани, во оној прв бран, сега во февруари ќе има уште еден, втор бран проекти што ќе бидат исто така потпишани. И мислам дека на тој начин ја заокружуваме оваа инвестициска активност за оваа и за следната 2025 веќе почнуваме да правиме планови за следната 2026 година. Импресионира посветеноста на градоначалниците, морам да кажам. Ги поздравувам сите оние коишто навистина учествуваат во овој проект и ги повикувам и понатаму да бидат дел од проектите, што ќе ги финансира Владата, додаде Мицкоски.

Околу тоа дека голем дел градинки се изградени, а не се пуштени во употреба, премиерот рече дека станувало збор за наследен проблем, што сега бил надминат.

– Тоа е наследен проблем што е надминат и дадени се одобренија за вработување од страна на Министерството за финансии и во општина Арачиново и во општина Липково. Но, она што е најважно, се надмина проблемот околу полагање на испитот, што беше акутен проблем. Тоа беше проблем во којшто стотици негуватели, воспитувачи, не можеа да добијат соодветна лиценца за да бидат вработени. Со владина одлука со што стариот начин на полагање го продолживме до крајот на 2025 година, се надмина и овој проблем, така што, ги решаваме проблемите тековно и убеден сум дека многу скоро и тие градинки, како и други градинки – и таа во Кочани и таа во Прилеп и други, ќе бидат функционални наскоро од денеска. Еве пет месеци сме Влада, мислам дека десетици проблеми дневно решаваме, одговори премиерот на новинарско прашање.

Back to top button
Close