Постигната начелна согласност за влез на Алтернатива во Владата, ќе следи нова средба за кадровски решенија

Програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата е начелно договорен на вчерашната средба на премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, додека консултации за кадровските решенија се во тек и по консултации во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.

За заклучоците од четиричасовна средбата на Заев и Гаши вчера во Клубот на пратениците во Скопје беше информирано преку соопштение од Прес-службата на Владата, откако на излегување Заев само кратко кажа дека имале „конкструктивна средба“.

– Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. Започнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, пришто се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт, стои во соопштението на владината прес-служба по средбата.

Премиерот Заев на средбата со Гаши беше придружуван од Ковачевски, а лидерот на Алтернатива од партискиот генерален секретар Беким Сали. Ова беше нивна втора средба, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.

Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа исто така во петокот, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши пред одржувањето на вчерашната средба, пак посочи дека определба на партиијата е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза и како што рече, да и се помогне на државата да не ја изгуби историската шанса да започне преговори за членство во ЕУ.

-Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне, рече Гаши.

Одговарајќи на новинарско прашање колку министерски места очекува неговата партија, претседателот на Алтернатива посочи дека за партијата тоа никогаш не било од суштинско значење и оти за неа е важно да се разговара за политичките критериуми.

-Тоа прашање е втор дел кој е секундарен за нас и многу понебитен од првиот кој е нормативен, околу концептот кој ќе го градиме заеднички и дали ќе можеме да ги отстраниме тие пречки при досегашното функционирање на Владата, рече Гаши.

Тој вели дека партијата останува на ставот дека во интерес на сите граѓани е да нема брзи избори.

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, пак смета дека доколку дојде Алтернатива да прифати да влезе во новиот состав на Владата, таа нема да трае долго и дека наредната 2022-ра година ќе биде изборна.

Таравари по вчерашната средба со амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која одговараше на новинарски прашања за актуелните збидунувања во земјава и рече дека ќе ја почитуваат одлуката на Алтернатива, напоменувајќи дека на претходните избори како коалиција добиле 82 илјади гласови за, како што рече, „анти ДУИ политиката“.

– Пред година и пол излеговме со г-динот Гаши на парламентарни избори и добивме гласови од граѓаните против политиките на ДУИ. Договорот беше потпишан за четири години и секако не мора да се придржуваат до тоа. Како ќе одлучат, така. Ние ќе ја почитуваме нивната одлука. Доколку влезат во влада, таа влада нема да биде одржлива, бидејќи има нестабилност во СДСМ, рече Таравари.

За делувањето на партијата „Алијансата за Албанците“, тој напомена дека ќе останат во опозиција и веќе прават подготовки за Конгресот што го планираат за напролет. На тој конгрес приоритет ќе биде реорганизација и ребрендирање на партијата со кои ќе настапат на претстојните избори. 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close