Повеќе вода – помалку здравствени проблеми со горештините

Летото и високите температури значат поголема потреба од хидратација, т.е. пиење вода. Соодветниот внос на течности во текот на летните месеци е клучен за одржување на оптималното здравје и спречување дехидрација.

Налето, телото се соочува со повисоки температури што го поттикнуваат потењето како природен механизам за ладење. Тоа значи губење поголеми количини вода и електролити. Затоа, соодветната хидратација, поточно надоместувањето течности, помага во одржување на енергијата, концентрацијата и општото лично чувство на благосостојба.

 

Последици од недоволно внесување течности: Дехидрација

Благата, лесна дехидрација се одликува со сува уста, жед, намален волумен на урина, темно жолта урина, главоболка и замор. Тешката дехидрација може да доведе до вртоглавица, забрзан пулс, конфузија, па дури и несвестица.

 

Топлотен удар

Недоволната хидратација ја зголемува и опасноста од топлотен удар. Тоа е сериозна состојба што бара итна медицинска помош. Симптомите вклучуваат висока телесна температура, црвена и сува кожа, забрзано дишење, забрзан пулс и губење свест.

 

Оштетување на бубрезите

Премалку вода значи и поголема опасност од појава на камен во бубрегот.

 

Совети за одржување на соодветно ниво на хидратација

Неретко, во текот на денот, човекот не успева да внесе доволно течности, поради зафатеност со работа и други обврски. Затоа се важни следните совети.

 

Пијте доволно вода. Се препорачува внес на најмалку осум чаши вода дневно, па и повеќе кога температурите се прекумерно високи или кога човекот е физички поактивен.

Храна со висок идел на вода… Овошјето и зеленчукот со висока содржина на вода, како што се лубеницата, краставиците, јагодите и портокалите, можат дополнително да помогнат да останете хидрирани.

Секогаш носете шише вода со вас. Така, пиењето вода ќе биде доволно и редовно.

Избегнувајте прекумерно внесување кофеин и алкохол. Тие дејствуваат како диуретици, зголемувајќи го губењето на течности од телото. Умереноста тука е клучна.

Пијте вода пред, за време и после спортска, понапорна рекреативна, професионална и други физички активности.

Прилагодете го внесот на течности на временските услови. Поголем внес на течности во топлите и влажни денови го надоместува она што го губиме со потењето.

Хидратацијата е клучна за одржување на здравјето и благосостојбата, особено налето. Редовното пиење вода, внесувањето повеќе храна богата со вода, а помалку кофеин и алкохол, ќе помогне да останете свежи и полни со енергија.

Back to top button
Close