Познат српски новинар приведен поради „обесената“ кукла со ликот на Вучиќ

Српската полиција го привела новинарот Бошко Савковиќ под сомнение дека тој ја носел куклата со ликот на претседателот Александар Вучиќ кој виси на бесилка на вчерашниот масовен протестот „Србија против насилството“.

Информацијата за приведувањето на новинарот за телевизијата Н1 ја потврил неговиот адвокат.
За обесената кукла со ликот на српскиот претседател вчера прва реагираше премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која на својот твитер-профил сподели фотографија од куклата која виси покрај транспарент.
Таа во својата објава, која потоа беше споделена од голем број членови на Српската напредна партија (СНС), јавно праша како да им ја објасни содржината на фотографијата на своите деца.
Ќерката на новинарот Бошко Савковиќ, Емилија, за „Данас“ го опишува моментот од приведувањето на нејзиниот татко, наведувајќи дека четворица мажи се појавиле на нивната врата без никаков налог за апсење. Таа негира секаква поврзаност на нејзиниот татко со куклата.
„Обесената“ кукла со неговиот лик денеска ја коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, наведувајќи дека дел од неговата работа е да трпи такви „гасни работи“.
Кој е Бошко Савковиќ
Дневниот весник објави опширна биографија на познатиот новинар, писател и критичар на режимот на Слободан Милошевиќ, кој како што се наведува новинарската кариера ја почнал уште во раните 1980-ти.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме биографијата на новинарот Савковиќ, објавена од „Данас“.
Бошко Савковиќ на почетокот на 1980-те работи на радио програмите „Ритам срца“ и Индекс 202.
Од 1985 година пишува во студентскиот весник „Студент“, каде што објавувал до 1987 година.
За време на познатата политичка афера „Глогов колац”, која пролетта 1987 година го најави доаѓањето на власт на Слободан Милошевиќ преку пресметка со новинарите и слободното новинарство, остана во редакцијата, која беше сменета по многуте напади од страна на градскиот и универзитетскиот комитет на Сојузот на комунистите. Во текот на 1987 и 1988 година објавувал во младински весници – Младост, НОН, Став, Полет…
Пред распадот на поранешната СФРЈ, тој почна да објавува во едно од најтиражните политички списанија во тоа време, списанието „Интервју“ на Политика. Од 1989 година „Интервју“ е негова матична редакција, а пишува и за многу други весници низ Југославија.
Од своето основање, на РТВ Политика реализира свои политички ток-шоуа и на телевизија и на радио.
За време на престојот во Њујорк во 1989 година, го завршува ракописот на својата прва книга „Лажните борци го водат кругот на честа“, која се занимава со прашањето на лажните борци и нивните пензии на територијата на поранешна СФРЈ. Врз основа на таа книга, ТВ Белград сними истоимен документарен филм во 1990 година.
По почетокот на војната во поранешна Југославија, Савковиќ станува и воен дописник на весникот „Интервју“ и други белградски весници. ТВ Политика пренесува и многу од ТВ прилозите од бојното поле кои тој ги снимил.
Дубровник, Вуковар, Книн, а потоа и новите отворени боишта во Босна и Херцеговина, стануваат новинарска опсесија за Савковиќ.






