Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божик

Православните христијански верници во земјава утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик. Одбележувањето на Бадник ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Кум на годинашното одбележување е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

 

Пoд мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“, Христовото раѓање утре напладне во Скопје и други градови низ земјава, ќе го најават децата со бадникови поворки, пеејќи ја „Вечниот Бог“. Во Скопје се очекува да биде формирана досега најдолгата бадникова поворка, а за дечињата се подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.

Поворките ќе тргнат пред Музејот на Град Скопје, со движење низ улицата „Македонија“, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржат голем Божикен концерт, креативни работилници за децата, драмски претстави за сите возрасти, како и традиционално дарување од градоначалниците, кои ќе ги пречекаат дечињата, како најрадосни предвесници на Христовото раѓање.

На плоштадот во Скопје уште претходно беше поставена пештера на Христовото раѓање.

 

 

Back to top button
Close