Пред финалето во ЛШ: Во Минхен секогаш се случувале премиерни прослави


Финалето во фудбалската Лига на шампиони (ЛШ) меѓу Интер и ПСЖ на 31 мај на „Алијанц Арена“ ќе биде петто по ред во Минхен, а во сите претходни четири изданија победниците прв пат во клупските истории го освојуваа трофејот во елитното европско клупско натпреварување.

Првото финале во Купот на европските шампиони (КЕШ) во Минхен се одигра во 1979 година, кога својот прв трофеј во ова натпреварување го освои Нотингем Форест, совладувајќи го во финалето на Олимпискиот стадион шведски Малме со 1-0.

Минхен беше домаќин на финалето на ЛШ во сезоната 1992/1993, што беше и премиерна сезона во натпреварувањето под сегашното име. Марсеј го победи Милан со 1-0 во финалето, а францускиот клуб прв пат стана најдобар европски тим. И тогаш домаќин на финалето беше Олимпискиот стадион во Минхен, како и во сезоната 1996/1997, кога големиот ривал на Баерн, Борусија Дортмунд, го победи Јувентус со 3-1 и ја прослави својата прва титула во ЛШ. Во годините потоа, Борусија уште два пати играше во големото финале, но остана на премиерниот трофеј.

Последното финале од ЛШ во Минхен се одигра во 2012 година, првпат на „Алијанц Арена“. Тоа беше вечер на голема тага за домашните навивачи кога Челзи по подобро изведување пенали го совлада Баерн и ја освои својата прва титула во ЛШ. Девет години подоцна, Челзи ја освои втората круна.

Доколку традицијата продолжи и оваа сезона, тоа значи дека ПСЖ прв пат во клупската историја ќе стане европски шампион. Францускиот тим ќе го игра своето второ европско финале против Интер кој зад себе има три европски титули од шест финалиња.

Back to top button
Close