Предадете го забранетиот нож – ќе добиете Нетфликс

На крајот на јули годинава, 17-годишно момче заедно со неговите двајца браќа (22 и 26 години) нападна и тешко повреди тројца мажи на Кенигштрасе во центарот на Штутгарт. Ова, по големиот пораст на бројот на напади со нож ширум Германија, го поттикна германскиот полициски синдикат да даде предлог кој, според шефот на синдикатот Јохен Копелке, ќе придонесе за намалување на бројот на напади со нож.

„Забранетите и опасни ножеви мора итно да се отстранат од приватни раце – за поголема јавна безбедност“, изјави Копелке. Тој смета дека потенцијалните напаѓачи треба да се охрабрат доброволно да ги предадат своите ножеви на властите.

Затоа тој предложи на сопствениците на забранетите ножеви „пеперутка“ да им се понуди годишна претплата на Нетфликс доколку го предадат својот нож на властите.

Копелке се осврна на дискусиите кои се водеа во Германија во 2009 година – во тоа време имаше предлог нелегалното огнено оружје да ѝ се предаде на полицијата. Во март истата година, 17-годишно момче на повеќе локации во Виненден застрела и уби 15 луѓе, а на крајот и себеси.

 

Забранетиот „пеперутка“ нож

Потоа, од редовите на владејачката коалиција дојдоа предлози на сопствениците на нелегално огнено оружје да им се понуди награда доколку го предадат оружјето на полицијата. Тогаш дојде предлог од партијата на Зелените да се награди сопственикот со купопродажен ваучер во вредност од 50 евра за секое предадено парче оружје.

Таа акција требаше да биде временски ограничена, бидејќи тогаш се проценуваше дека во Германија има околу 30 милиони парчиња нелегално огнено оружје.

За тие предлози се разговараше некое време, но на крајот се откажаа. Но, шефот на Сојузниот синдикат на германската полиција Копелке не ги заборави и сега ја претстави својата варијанта – ножот „пеперутка“ во замена за Нетфликс.

Не е познато колку нелегални ножеви „пеперутка“ има во Германија. Станува збор за нож на склопување чие сечило е скриено меѓу две надолжни половини од метална рачка од која може да се извади со нивно расклопување. Вакви ножеви во Германија може да се купат за помалку од 10 евра.

Во германските медиуми предлогот на Копелке најчесто се нарекува „необичен“ или „бизарен“.(dw)

Back to top button
Close