Предизвици за 2022 година во односите меѓу Северна Македонија и Грција

Низа средби и посети на највисоко ниво, некои од нив и со историски карактер, потпишани договори за соработка, заложби за продлабочување на соработката,  ја одбележаа 2021 година во македонско – грчките односи, кои се чини дека влегоа во нормален тек, се движат во нагорна линија, мразот веќе одамна е скршен, а довербата сѐ повеќе се зајакнува, но во исто време Грција останува и силен поддржувач на ЕУ перспективата на Северна Македонија, анализира дописничката на МИА од Атина.

Соработка имаше, а според најавите и ќе има и во 2022 година, но сепак двете страни имаат и обврски што се очекуваше да бидат завршени во 2021 година, а сега се префрлаат оваа година.

Меѓу обврските што се однесуваат на официјална Атина се ратификација на меморандумите во Парламентот, кои над една година чекаат да бидат ставени на дневен ред, да одреди термин за втората меѓувладина седница на која домаќин е Грција, но и евентуално грчките политичари да ги прифати отворените покани за возвратни посети на Скопје.

Двете земји, преку Парламентите, би требало да ја активираат соработката со одржување на првиот состанок на парламентарните групи за пријателство.

Во септември 2020 година до грчкиот Парламентот, беа доставени трите меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа, а кои чекаат да бидат ратификувани.

Станува збор за Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје.

Согласно процедурите, меморандумите треба да бидат разгледани на надлежната комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а откако членовите на комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе биде на седница на Парламентот.

Меѓутоа, се чини дека процедурата е замрзната по реакциите во Грција, иако пораките што пристигнуваат од официјална Атина се дека меморандумите ќе бидат донесени на гласање.

За конкретното прашање, неколку пати и дописничката на МИА од Атина и грчките новинари, бараа одговори од владиниот портпарол на редовните брифинзи, а објаснувањето на Јанис Иконому беше дека ратификацијата ќе биде „во соодветно време, во следниот период“.

Ратификацијата на меморандумите беше едно од прашањата што ги покренаа и претседателот Стево Пендаровски на неговите средби во Атина и претседателот на Собранието Талат Џафери за време на разговорите со неговиот грчки колега.

Пендаровски за МИА објасни дека е јасно е дека „отпори во делови од грчката владејачка партија постојат и тоа Мицотакис не го криеше“ и премиерот на Грција го искористил изразот „сѐ уште свежи рани“ во одредени сегменти на грчкиот политички спектар, додека пак Џафери исто така за МИА, рече дека претседателот на грчкиот Парламент се изјаснил позитивно  и се повикал на „процедурите кои што се разбирливи во Парламентите“.

-Јас сум убеден дека тоа ќе се случи имајќи ги предвид дека и заложбите и гаранциите што ги дава претседателот, ќе се остварат, објасни Џафери.

За меморандумите разговараа и шефовите на дипломатиите Бујар Османи и Никос Дендиас на нивната средба во Скопје на крајот на август.

Уште една „обврска“ за 2022 година е и одржувањето на меѓувладината седница, на која домаќин ќе биде Грција.

Согласно Договорот од Преспа, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата“.

Првата меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот премиер на Грција Алексис Ципрас.

За втората, иако имаше најави дека може да се одржи во текот на минатата година, сепак, повторно се префрли за следнава.

Шефот на дипломатија Бујар Османи на почетокот на годината, по средбите во Атина, за МИА рече дека двете страни изразиле подготвеност и се согласиле дека втората меѓувладина седница, односно Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји треба да се одржи што е можно побргу, но главниот фактор и се зависи од текот на пандемијата.

Обврските од грчка страна, особено во однос на ратификацијата на меморандумите, доста често ги покренува опозициската СИРИЗА и континуирано бара да бидат ставени на дневен ред во Парламентот.

Лидерот на партијата Алексис Ципрас неколку пати ја критикуваше Владата дека намерно ја одложува ратификацијата, а за време на традиционалната прес-конференција во Солун, во рамките на Меѓународниот саем во септември рече дека Мицотакис „не се охрабрува да ги донесе за ратификација во Парламентот трите Меморандуми со Северна Македонија, бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група“.

Барања до Владата беа упатени и од одговорниот за надворешна политика во опозициската СИРИЗА Јоргос Катругалос, но и од поранешниот претседател на Парламентот Никос Вуцис.

Катругалос, освен за ратификацијата на меморандумите, од шефот на грчката дипломатија побара и Грција да ги промовира одредбите од Договорот од Преспа, но и да го активира Советот за соработка на високо ниво со Северна Македонија.

Во интервју за МИА на крајот од мај, поранешниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, рече дека меморандумите се во интерес и на Грција и дека од одговорот што го добил по поставеното конкретно пратеничко прашање заклучокот е дека постои политичка волја.

-Не треба партиските цели и намери да бидат водич за тоа како одиме напред во надворешната политика. Да не речам дека е парламентарна аномалија, би рекол дека е парламентарно чудно, толку месеци протоколите да се доставени, да не постои сомнеж во однос на тоа дека  треба да се ратификуваат, бидејќи Владата на Нова демократија никогаш нема кажано такво нешто и уште да не е одредено кога ќе се гласаат, рече Катругалос.

Група пратеници од СИРИЗА бараа и активирање на парламентарната група за пријателство меѓу Северна Македонија и Грција и одржување тематски состаноци во областите од најголем интерес за двете соседни земји.

Во март 2020 година, во грчкиот Парламент беше формирана  групата за пријателство Северна Македонија – Грција, а иста таква постои и во нашето Собрание, меѓутоа нешто помалку од две година подоцна, не е одржан ниту еден состанок, иако е разбирливо со оглед на тоа дека пандемијата откажа низа активности.

Сепак, претседателите на Парламентите на Северна Македонија и Грција, на нивната средба во Атина го отворија и ова прашање и ги анализирале начините на кои би можеле двата парламента да соработуваат преку парламентарните групи за пријателство.

Грчката група за пријателство со Северна Македонија брои 22 членови, од кои еден претседател, еден потпретседател и секретар.

Претседател е пратеничката од Нова демократија Мариета Јанаку, која дојде на местото на Јоргос Влахос, откако беа направени промени на претседателската позиција во групата. Потпретседател е Никос Папас од СИРИЗА, а секретар пратеникот од Комунистичката партија Јоанис Делис.

Останатите 19 членови се 15 пратеници од СИРИЗА и четири од Нова демократија.

Отворени покани за Сакеларопулу и Тасулас да го посетат Скопје

За време на посетите на македонските политичари на Атина, беа упатени покани за возвратни посети до нивните грчки колеги, а биле добиени позитивни знаци.

Претседателот Стево Пендаровски за време на неговата официјална посета на Атина, на свечената вечера во Претседателската палата упати покана до грчката претседателка Катерина Сакеларопулу да ја посети Северна Македонија.

-Јас го повторив тоа и на заминување од вечерата и неформално, не само во мојот говор за време на вечерата. Се разбира тоа кабинетите треба да го договараат во наредниот период, меѓутоа начелно постои изразена волја, желба од нејзина страна да ја посети нашата држава, рече Пендаровски во интервјуто за МИА и истакна дека тоа би било „дополнително кршење на мразот, онаму каде што сè уште постои“.

Покана доби и претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас од претседателот на Собранието Талат Џафери за време на нивната средба во Атина на маргините на Конференцијата на претседателите на Парламентите на земјите – членки на Советот на Европа.

-Секако дека подготвеноста е позитивна. Секако, како што ќе дозволат ангажманот и обврските на Парламентите и тоа ќе биде особена важност претседателот на Парламентот да ја посети Северна Македонија и да има можност и директно да се обрати во Парламентот и да го добие чувството на она што подразбира воспоставувањето односи онака како што ги предвидуваат правилата на дипломатијата и на кореспонденцијата меѓу институциите, рече Џафери за МИА.

Освен комуникацијата на политичко ниво, во текот на оваа година, се очекува да продолжат и контактите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во повеќе области, нешто што започна по Договорот од Преспа, а продолжи во изминатите години.

Сања Ристовска

Back to top button
Close