Прегрнување на шокот

Некој, некогаш, ќе седне и здраво ќе го проучи периодот 2006-2021 година и ќе извлече соодветни заклучоци, можеби и поуки. За целата македонска култура, па и не само за неа. На пример, колку траеа одделни фази на нашиот (не)културен шок, во кој и каков временски распон; колку, на пример, траеше тој првичен „меден месец“ со (не само) „културните политики“ на тогашната власт, имаше ли некакви „интермеца“, се надоврзуваат ли фазите една на друга како според учебник (на пример, по медениот месец имаше ли обид за преговарање, па за прилагодување…) итн. Зашто, сепак, говориме за цели единаесет години тормозење, со сите познати и непознати манифестации на еден октроиран (не)културен односно државен систем. А преговарања, како втора фаза на (не)културниот шок, секако – имаше. И тоа преговарања од врвни македонски самонаречени интелектуалци, од цела ману (малите букви не се грешка туку се одраз на значењето на оваа институција кај нас последниве две децении!), на продажба беше се’ и речиси секој. Особено онаа таканаречена левичарска интелектуална елита којашто го препознава само и исклучиво мирисот на парите и власта. А такви, кај нас – многу. Особено помеѓу писателите, уметниците, културните (не)работници… Ние денес покажуваме со прстот на источниот сосед и неговите фашизоидни приклученија во периодот 1941-1944 година, ама забораваме каков современ „културен фашизам“ се случуваше кај нас цели единаесет години (2006-2017)!
Секако дека медениот месец со тогашниот македонски (не)културен шок зграпчи многумина во кичерските „културно-политички“ прегратки на тогашната власт, секако дека имаше и брзо освестување и обиди за некакви „преговори“ (се разбира не во буквална смисла туку за некакви смешни олеснителни околности!) и слично. Се пазареа со власта тие кои имаа што да понудат за возврат. Нудеа се’ само за да останат во играта. Некои си ги продаваа и душите! Она што го немаше е: немаше дијалог! Имаше само политикантски монолози на власта и тук-таму обиди за критика, за појаснување на културоцидот што – НАЈАВЕНО! – се случуваше во Македонија, но и тоа беше присутно само во инцидентни случаи и од малкумина кои редовно пишуваа во неколкуте достапни медиуми. Другото, целата македонска (не)културна братија едноставно го прегрна културниот шок, му се приклучи со раце и со џеб, дури и го бранеше кадешто ќе стигнеше и кадешто беше потребно. А имаше богами и отпуштања од работа, апсења/притвори и затвори, безмалу „преки“ сваровски судови… Кога денес ги гледам(е) тие наводно првенци на македонската култура како (повторно) се лигават со актуелната власт, а овие пак ги толерираат, просто ви доаѓа да се самоизолирате од оваа и ваква култура и (не само) културна јавност. „До даљњег“, што би рекле северните соседи. Ама: зошто да го препуштите културниот простор на таков шљам, на такви паразити и арамолебци, на тие деструктивци и негатори на секаков културен прогрес? Зарем, ако имаше освестување во македонската култура, ќе се појавуваа онакви шарлатански „мислења“ на некакви вемеронски пратенички за тој проклет нов закон за остварување на јавниот интерес во културата, а никој да нема што да каже по тој повод? Зарем ќе имаше сеприсутно дивеење и на оние од т.н. Комисија на културни незнајковци на остатоците на злосторничконо здружение кои, такви какви што ги дал Господ, со тиквите на рамена „размислуваат“ за културата во формат од деветнаесеттиот век? А нема кој да им одговори, како министерката за култура да е платена само да дели пари на својата партија, да смислува лукративни „приоритети“ и да ги спонзорира своите пријателки? Како коалицијата на власт да е тука само за да ги пополни партиските и личните резезерви и коминтенти, и – толку?
Се разбира дека во периодот на владеењето на (не)културниот шок 2006-2017 година имаше се’ и сешто – договарање, преговарање, премолчени (или непрепознаени?) скандали, пребегувања од една на друга страна – но генерално: немаше сериозна опозициска критика, немаше паметен свет на „другата“ страна (којшто одеднаш се појави во 2017та година, претставувајќи се како борци за слобода!), немаше луѓе со знаење, интегритет, квалитет. Токму тие кои тогаш ги немаше денес солат памет и се заседнати на сите важни позиции во културата! И да, многумина и денес го оправдуваат таквото свое однесување. Тоа биле опасни времиња, велат. Се разбира, ама како да биле опасни само за нив, а не и за другите!? Фазата на прилагодување на шокантниот систем наметнат во културата започна некаде 2009-2010 година, кога веќе беше очигледно дека режимот не е тука краткотрајно туку дека прави се’ за да остане „100 години“, кога се виде дека нивните клиентелистички културни „политики“ „здраво и плодоносно“ почнаа да функционираат, и тоа со се’ поголем број приврзеници. Кулминацијата на прилагодувањето беше започнувањето на самонаречениот проект „Скопје 2014“ – ригидна демонстрација на моќ, на авторитарност, на лаги и корупција… но без соодветен одговор не државата и општеството. И во тој период веќе не можеме да говориме за изненаденост, за вчудовиденост, за неочекуваност или збинетост… бидејќи состојбите траеа неколку години. Не можеме да говориме ни за страв, за конфузија, за депресија или фрустрации… бидејќи и тие нешта беа апсолвирани уште во првите години од започнувањето на шокантниот пресврт!
За што тогаш МОЖЕМЕ да говориме? Можеме да говориме за откривање на „вештини“ на т.н. прилагодување, на маскирање, мимикрија… но и на отворена поддршка на „варварите“ кои маршираа низ скопските улици покажувајќи ни ја силата и моќта на сега пребегнатото „фирерче“, сведочевме на отворени навреди и потценување на врвни македонски умови (сетете се само на „џуџето од Небрегово“, на процесот на лустрацијата итн.), на подигањето споменик на првиот познат масовен убиец во Македонија, на редиците во ману за потпис од „фирерчето“ на неговиот магистерски „труд“, на тоните издадени книги што и денес лежат во магацините и депоата на културните институции… Сведочевме на многу, навистина многу нешта за да, денес, некако преку ноќ, дојдеме до последната фаза – отворено прифаќање на сите уништувачки „политики“ на злосторничкото здружение тогаш маскирано во политичка партија! И се’ уште ги отплаќаме нивните долгови!!! Некој ќе рече: во нормална држава тоа не се случува. Можеби.
Златко Теодосиевски






