Премиера на претставата „Народен пратеник“ за јубилејот 80 години МНТ

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар, на 25 јануари со почеток во 20:00 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).

Во претставата игра внимателно одбрана и веќе докажана актерска екипа: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ.

Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.

Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите се веќе распродадени.

Back to top button
Close