Џафери: Ние нудиме премиер – Албанец, а не по секоја цена премиер од ДУИ

Талат Џафери, носител на листата на ДУИ во Изборната единица 5 денеска на прес-конференција ги повика албанските гласачи да ја поддржат нивната идеја за премиер Албанец.

-Да прецизирам, ние нудиме премиер – Албанец, а не по секоја цена премиер од ДУИ! – и ова претставува силно подадена рака пред сè до партиите на Албанците, заеднички да застанеме зад оваа идеја. Еве денес испраќаме јавна понуда со која се откажуваме од ексклузивитетот на оваа идеја, рече Џафери.

Побара партиите да оформат заедничка платформа, заедничка декларација, да дадат, како што кажа, завет, „беса пред граѓаните“ дека избраните пратеници во следното Собрание, ќе се обврзат да ја дадат политичката доверба на она мнозинство во Собранието кое ќе ја прифати и ќе ја реализира оваа идеја.

-Тоа е сериозна понуда, тоа е храбра политичка одлука, но ве уверувам, тоа е најдобриот начин да ја вратиме довербата на Албанците во политиката, во нас политичарите, дека без разлика на нашите несогласувања, во клучните моменти, за клучните прашања, имаме капацитет и доблест да се обединиме во интерес на граѓаните, рече Џафери.

Тој лично, како што кажа, ја имал таа привилегија да покаже дека се работи за наметнат стереотип Албанец да биде на чело на некоја институција, за вградена нетрпеливост и недоверба при неговото назначување за претседател на Собранието.

-Денес веќе никој не чувствува ниту закана, ниту некаков недостаток од фактот што Албанец веќе три години го предводи Собранието, и дозволете да бидам нескромен – улога која сметам дека добро ја извршував. Уште повеќе, сметам дека во некои клучни моменти – претставуваше вистинска предност што не бев дел од водечките партии на етничките Македонци, што ми овозможи да делувам како арбитер, платформа која обезбеди услови за да се изгради денешниот консензус, тврди Џафери.

Тоа, според него, му дава за право, со сето стекнато искуство, но и со целиот личен кредибилитет и да застане уште поцврсто и зад оваа идеја – Република Северна Македонија да го добие првиот премиер – Албанец.

– За мене ова е многу повеќе од изборна платформа. А очигледно не е само за мене – не измина ниту една недела откако беше пласирана оваа идеја, а веќе е тоа главен муабет во чаршијата, по пазарите во домовите, главна тема за дебатирање и на социјалните мрежи и во медиумите. Она што најмногу ме радува е што оваа идеја најмногу ја прифатија младите, затоа што токму тие сакаат да живеат во општество без стереотипи за тоа: кои се, каква им е традицијата, културата; каков јазик зборуваат, во каква религија веруваат итн; затоа што тие сакаат да живеат во држава која навистина нуди еднакви можности за сите, без никакво ограничување или привилегии за никого, рече Џафери.

За идејата, како што кажа, веројатно најмногу се разговара и во штабовите на политичките конкуренти на ДУИ кои, исто како и тие, се борат за гласовите на Албанците. Затоа, смета тој, сите политички партии на Албанците треба да се обединат околу идејата.

Back to top button
Close