Притвор доби и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски
Вечерва притвор доби и приведениот Александар Ѓорчевски, татко на убиеното 14-годишно девојче Вања Ѓорчевска од Скопје, потврди Основниот кривичен суд Скопје.
„Поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и уништување докази, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на надлежниот обвинител и на четвртиот приведен му определи мерка притвор од 48 часа“, ни изјавија од Основниот кривичен суд Скопје.
Денеска Јавниот обвинител Гаврил Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажаа зошто родителот е лишен од слобода – имено Ѓорчевски е осомничен дека тој им ги дал податоците за времето на излегувањето од дома на своето дете за на школа, маршрутата на нејзиното движење и други детали од нејзиното секојдневие. Како што кажа Спасовски, Ѓорчевска е киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол.
Четворица приведени имаат ваква куса мерка од 48 часа додека МВР да ги поднесе кривичните пријави до Обвинителството за убиствата на Вања и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Ако се утврди дека станува збор за организирана група која изнудувала пари заедно со главниот осомничен киднапер и убиец Љупчо Палевски кој е во бегство, тогаш случајот може да го преземе Обвинителството за гонење организиран криминал.
По поднесувањето на кривичните пријави со обезбедени докази (обдукцискиот наод на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не беа готови), ќе биде дадена наредба за истрага за бруталните убиства кои ја потресоа јавноста. Потоа, ќе се бараат мерки притвор од по 30 дена за осомничените