Продавачки во маркет во Чешка во банани нашле 840 килограми кокаин

Вработените во супермаркет во Чешка пронашле дури 840 килограми кокаин во вредност од речиси 80 милиони евра во кутија со банани доставени во продавницата

Се верува дека испораката до продавниците во градовите Јичин и Ричнов над Кнезноу на северот на земјата била испратена по грешка, пишува Гардијан.

Рекордната количина на кокаин, која се проценува дека вреди повеќе од споменатите 80 милиони на улица, пристигнала во продавниците на 10 јуни спакувана во кутии.

Шефот на единицата за борба против наркотици, Јакуб Фридрих, изјавил за чешкото јавно радио дека се претпоставува дека кокаинот е од Централна Америка и дека полицијата работи со колегите од други земји додека пребаруваат други продавници кои добиле кутии од истата пратка.

Полицијата објавила слики од запленетиот кокаин на Твитер, велејќи дека истрагата се спроведува и надвор од Чешката Република и затоа ќе користи меѓународна полициска и судска соработка.

Во 2015 година во чешки супермаркет во Прага биле пронајдени 100 килограми кокаин, а во 1999 година чешката полиција запленила 117 килограми кокаин, кој бил спакуван меѓу сушено овошје во магацин северно од градот.

Неодамна италијанската полиција заплени 4,3 тони кокаин во Трст, вреден речиси 250 милиони евра улична вредност. Една од најголемите заплени некогаш во Европа му нанесе тежок удар на озлогласениот колумбиски клан, најголемиот нарко картел во оваа латиноамериканска земја.

Даиро Антонио Усуга Дејвид, попознат по псевдонимот Отониел, наводниот шеф на Заливскиот клан и „најопасниот дилер на дрога во светот“ беше екстрадиран од Колумбија во САД минатиот месец соочен со обвиненија пред три федерални судови. Истрагата запленила и 1,8 милиони евра во готовина и возила за кои се верува дека биле користени за шверц.

Во моментов се распишани меѓународни потерници за 38 лица за шверц на дрога во Бугарија, Хрватска, Колумбија, Италија, Холандија и Словенија.

 

 

 

Back to top button
Close