Продолжи судењето на апелацискиот судија Ѓоко Ристов – тој рече дека не се чувствува виновен

Денеска во Кривичниот суд се одржува ново рочиште во постапката против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој е обвинет за свесно прикривање на имотната состојба и перење пари.

Обвинителката за гонење организиран криминал, Искра Хаџи Василева, ја започна доказната постапка против апелациониот судија Ѓоко Ристов, на кого му се става на товар кривично дело прикривање и перење пари, по наводно откривање на 350.000 евра скриени зад кујнски плочки во семејната куќа во Неготино.

Според обвинението, парите биле пронајдени по неколку претреси извршени на 17 и 18 јануари 2026 година, кога истражителите откриле 13 пакувања со вкупно 610 банкноти во апоени од 200 и 500 евра, внимателно скриени во шуплина зад ѕидот на кујната. За време на истрагата биле одземени и рачно напишани белешки со пресметки на износите, на кои се споменува и „Здружение на судии“, како и снимка од самата полициска акција.

Обвинителката пред судот презентираше и податоци од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за имотната состојба на Ристов и неговата сопруга, Симона Зориќ-Ристова, вработена во Државното правобранителство. Беа приложени имотни листови од 2008 и 2021 година, во кои се прикажани недвижности, возила, акции и кредити, како и податоци за семејни и деловни поврзаности.

Посебно внимание во постапката беше посветено на кредит за стан во Охрид, земен преку „Охридска банка“ и поврзан со фирмата „Алма комерц“ на Љупчо Пецов-Ѓаволот, за кого Ристов претходно одлучувал во судски постапки. Станот подоцна бил пренесен на таткото на сопругата, при што, според обвинението, биле вклучени сложени финансиски и полномошни конструкции меѓу инволвираните лица.

Во судницата беа презентирани и докази за платите на обвинетиот и неговата сопруга, како и нивно учество во управни и правни структури. Обвинителството истакна дека постојат индиции за судир на интереси и влијание врз судски одлуки.

Како дополнителен доказ беа изнесени судски одлуки од 2017 и 2021 година поврзани со Љупчо Пецов, во кои Ристов одлучувал во негова корист, како и видео-снимки од средби меѓу Ристов и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, вклучително и во просториите на Апелацискиот суд. Стафа претходно призна вина во поврзан случај за примање поткуп.

Одбраната побара присуство на вештакот кој ги изготвил наодите за биолошките траги и доказниот материјал, по што судот ја продолжи постапката.

Обвинетиот Ѓоко Ристов пред судот изјави дека не се чувствува виновен по обвиненијата што му се ставаат на товар.

Back to top button
Close