Проекција на документарниот филм „Земја за нас” и разговор со режисерката Карла Црнчевиќ

На 23 декември во 18 часот во Кинотека на РСМ, во склоп на дванаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ ќе има проекција на документарниот филм „Земја за нас” и разговор со режисерката Карла Црнчевиќ.

Настанот ќе биде бесплатен и ќе содржи и интерцисциплинарна програма со панел дискусија на тема „Живот без капитализам: Како дотаму?”. Говорничк/ци на панелот ќе бидат: Вики Младенова, Здравко Савески и Ленче Деспотоска, а модераторка е Андријана Папиќ Манчева.

– „Преку дискусијата, ќе размениме размисли за тоа дали е можен свет надвор од цивилизацијата, поинаков од сегашниот. Дали и како можеме да го смениме нашиот однос кон природата, производството, заедничкиот простор? Како, среде пирејот на индивидуализмот и отуѓеноста, да ги развиваме капацитетите за заедништво? И конечно, што практично значи да се живее во заедница?“, велат организаторите.

Документарецот „Земја за нас“ се случува во срцето на островот Брач каде група жени имаат необична заедница. Не веруваат во приватен имот ни во хиерархија, со заедницата управуваат со директна демократија и се занимаваат со земјоделство на еколошки начин. Секоја членка на комуната има избегано од некој минат живот и заедно се обидуваат да ја изградат својата мала самоодржлива оаза. Но кога ќе биде поставено прашањето на впишување на сопственоста во катастарските книги, во прашање доаѓа самиот опстанок на заедницата.

Разговорот со авторката на филмот Карла Црнчевиќ ќе следи по проекцијата, а ќе го води Ѓорѓи Пулевски.

Настанот е поддржан од Equality Fund.

 

Back to top button
Close