Пронајден мртов директор на аеродром кој располагаше со доверливи информации за последниот лет на Евгениј Пригожин

Пронајден е мртов директорот на аеродромот, за кого се верува дека имал сознанија за околностите околу смртта на Евгениј Пригожин – поранешен близок сојузник, а потоа и жесток противник на рускиот претседател Владимир Путин!
Алексеј Коршенко, кој раководел со терминалот за деловна авијација на московскиот аеродром „Шереметјево“ (од каде што Пригожин полетал на својот последен лет), бил одговорен за терминалот од кој заминал контроверзниот водач на платеничката група „Вагнер“ пред неговиот авион да се урне и да се запали во 2023 година.
Несреќата се случила два месеца откако Пригожин предводел вооружен бунт против рускиот претседател, што силно го потресло Кремљ.
Коршенко (57) бил пронајден обесен на балконот од својот стан во Москва на 6 јуни, но неговиот идентитет е обелоденет дури оваа недела, пренесува „Москоу тајмс“ (The Moscow Times). Руските истражители ја третираат неговата смрт како случај на можно самоубиство.
Сепак, неговите колеги го оспоруваат таквиот заклучок и наведуваат дека тој ненадејно бил отстранет од функцијата околу три недели пред смртта, пишува весникот. Пријателите на Коршенко исто така ја доведуваат во прашање официјалната верзија на настаните, истакнувајќи дека тој располагал со чувствителни информации за тоа што му се случило на авионот на Пригожин на денот на смртта на водачот на групата „Вагнер“.
Меѓу настаните што му претходеа на полетувањето беше замената на еден дел од бразилскиот авион „Ембраер“, за кој се тврдеше дека бил неисправен.
Се верува дека Коршенко имал информации за тие технички проблеми пред полетувањето, како и за доаѓањето на компанија – за која се вели дека има длабоки врски со рускиот организиран криминал – за да го испорача резервниот дел.
Евгениј Пригожин, основачот на групата „Вагнер“ – чиј краткотраен бунт против рускиот претседател претставуваше најсериозен предизвик за владеењето на Путин досега – загина во авионска несреќа северно од Москва во август 2023 година.






