Пронајдени две угинати кучиња во Кисела Вода, здружение алармира за можно труење

Здружението Animal Rescue Project алармира за сомнеж за труење на бездомни кучиња во скопската општина Кисела Вода, откако биле пронајдени телата на две угинати животни.

Според објавата на нивната Фејсбук страница, кучињата биле маалски миленици за кои се грижеле локални жители. Случајот е пријавен во полиција, а известени се и надлежните институции, со апел за итно преземање мерки.

„Се претпоставува дека кучињата се отруени! Ве молиме да внимавате на вашите деца и миленици во таа околина.

Ова НЕ е „решение“. Ова е кривично дело. Секој што остава отров по улици, паркови или дворови убива невини животни, ги загрозува децата, го труе целиот град.

Ова не е само против кучињата… Ова е против животот. Денес се кучиња. Утре може да биде дете.

Законот е јасен: Расфрлање отрови е казниво со парична казна и затвор.

Ќе пријавуваме за секој случај. Ќе бараме одговорност. Нема да молчиме“, велат од здружението.

Тие ги повикуваат граѓаните веднаш да пријавуваат сомнителни случаи – како оставена храна на јавни површини или угинати животни – со цел спречување на вакви инциденти во иднина, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close