Протест во Атина на семејствата на жртвите во железничката несреќа – бараат правда и одговори

Со куфери на кои беа поставени фотографии на загинатите, со свеќи и бели ружи, со солзи во очите, но и со низа прашања, роднините на жртвите во железничката несреќа кај месноста Темпи во Грција, вечерва одржаа мирен протест пред грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Несреќата се случи на 28 февруари годинава, животот го загубија 57 лица, од кои повеќето беа студенти, а семејствата, родните и блиските на загинатите , како што велат, бараат правда, одговори и да не се прикрие криминалот.

Протестот помина во особено тешка и трогателна клима, родители говореа за нивните деца, кои животот го загубија патувајќи кон Солун, а беа прочитани и имињата на сите жртви.

-На 28 Февруари ми го убија детето, на 9 март го погребав она што остана, неколку изгорени коски од моето дете. Имаше само 20-години, рече мајката на 20-годишна студентка, една од 57-те  загинати.

Таткото на 18- годишната Анастасиа, исто така студентка,  на присутните им порача „ни ги убија децата“, барајќи одговори на низа прашања и истакнувајќи дека сега, за празниците, наместо божиќни песни ќе ги слушаат извиците за помош на жртвите.

-Вечерва сум со вас бидејќи ми ја убија ќерка ми. Имаше само 18 години. Се собравме денеска овде за да ви кажеме дека од 28 Февруари нашите семејства не се исти и никогаш нема да бидат исти, истакна таткото на загинатата студентка.

Семејствата и роднините на жртвите од железничката несреќа меѓу другото бараат: целосно расчистување на криминалот; одговорност за сите инволвирани без разлика на колку високи позиција и да се наоѓаат; одговорност на политичарите; безбедност во транспортот, заснован на современите потреби, за да не се повтори злосторството на Темпи.

На протестот вечерва добија поддршка од студентските здруженија во Атина.

Back to top button
Close