Путин пристигна во државна посета на Кина, клучна тема меѓународните предизвици

Рускиот претседател Владимир Путин вечерва пристигна во Пекинг во државна посета на Кина, на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг, јави кинеската државна агенција Синхуа.
Ова е 25-та посета на Путин на Кина, а за време на престојот денеска и утре, двајцата претседатели ќе разменат мислења за билатералните односи, соработката во различни области, како и за меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на Стратешкото партнерство за координација и 25 години од потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателска соработка меѓу Кина и Русија. Портпаролот на кинеското МНР изјави дека двете земји ќе ја искористат оваа можност за дополнително продлабочување и подигнување на односите, со цел да внесат повеќе стабилност и позитивна енергија во светот.
Руската агенција ТАСС пренесува дека работната програма на Путин е исклучително густа. Неговиот помошник за меѓународни прашања, Јуриј Ушаков, истакна дека најважниот настан на посетата ќе биде неформалниот разговор „на чај“ меѓу Путин и Си за најактуелните глобални проблеми. Пред оваа средба во тесен круг, предвидени се руско-кинески преговори на ниво на делегации, средба со кинескиот премиер Ли Чијанг, отворање на заедничките години на образование, како и посета на заедничка изложба на ТАСС и Синхуа посветена на историјата на билатералните односи.
На аеродромот во Пекинг рускиот претседател беше пречекан со највисоки почести, државни знамиња и почесен гарда. Путин беше поздравен од кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, со кого оствари краток разговор, како и од кинескиот амбасадор во Москва, Џанг Ханхуи, и рускиот амбасадор во Кина, Игор Моргулов.
Путин Кина (ДПА)
По церемонијата, Путин со својата претседателска лимузина „Аурус“, која беше специјално донесена од Русија но со заменети кинески регистарски таблички, замина кон државната резиденција.
Кина останува клучен трговски партнер за Русија, особено по почетокот на воената инвазија во Украина во 2022 година. Пекинг одржува неутрална позиција кон конфликтот, но ги зачува трговските врски со Кремљ и покрај западните санкции.
Помошникот на рускиот претседател Ушаков негираше каква било поврзаност меѓу посетите на Путин и на американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг, нагласувајќи дека патувањето на рускиот лидер било договорено однапред. Ванг Џиченг од пекиншкиот тинк-тенк „Центар за Кина и глобализација“ изјави дека посетата на Трамп била насочена кон стабилизирање на американско-кинеските односи, додека посетата на Путин е за уверување на долгогодишниот стратешки партнер, додавајќи дека за Кина овие две линии не се исклучуваат меѓусебно.
Путин последен пат ја посети Кина во септември 2025 година на самитот на Шангајската организација за соработка во Тјенџин. Во меѓувреме, Пекинг стана најголем купувач на руска нафта и гас, а Москва очекува дека актуелните глобални кризи ќе ја зголемат кинеската побарувачка за руски енергенси, особено во контекст на безбедноста на поморските патишта околу Ормуската Теснина и Блискиот Исток. Според Ушаков, рускиот извоз на нафта во Кина пораснал за 35 отсто во првиот квартал од 2026 година.






