Путин: Проблемите со горивото се привремени, рускиот енергетски систем е меѓу најстабилните

Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска одржа состанок со членовите на владата, на кој министрите го информираа за ситуацијата на пазарот со горива, и наведе дека проблемите со горивото се привремени.

Тој исто така оцени дека рускиот енергетски систем е меѓу најстабилните во светот „и покрај обидите на противниците да ѝ нанесат штета на руската економија“.

Путин повика на брзо решавање на проблемот со снабдувањето со гориво на Крим и во јужните делови на Русија, истакнувајќи дека одлуките за поддршка на тие области мора да бидат донесени веднаш, а не дополнително.

– Мерките за поддршка на луѓето кои живеат таму и на оние кои дошле на одмор мора да бидат спроведени сега, а не некогаш подоцна. Овие одлуки треба да се донесат што е можно побрзо – рече Путин за време на состанокот одржан преку видеоконференција.

Претседателот на Русија кажа дека граѓаните не би требало да почувствуваат посебно оптоварување поради ситуацијата со горивото и додаде дека е важно и независните бензински станици да ги добиваат потребните количини гориво.

Потпретседателот на руската влада, Александар Новак, рече дека ситуацијата на пазарот на горива делумно се стабилизирала, но дека и понатаму останува сложена. Според него, побарувачката е зголемена за околу една третина.

Новак наведе дека Русија овој месец ќе почне да увезува гориво од други земји, како и дека е воведена целосна забрана за извоз на дизел.

– Тоа ќе овозможи зголемување на испораките на домашниот пазар – рече тој и додаде дека владата со компанијата „Руски железници“ договорила можност за попуст на железничките тарифи со цел да се создадат економски услови за увоз на гориво.

Путин наложи тој и премиерот Михаил Мишустин редовно да му доставуваат извештаи за ситуацијата во рускиот сектор за горива. Според него, проблемите во снабдувањето со гориво се поврзани, меѓу другото, со обидите на противниците да ја нарушат сезоната на годишни одмори и да создадат „нервозна атмосфера“ во руското општество.

Back to top button
Close