Путиновата битка за Киев ќе биде како онаа кај Бородино за Наполеон

Војната во Украина влегува во својата четврта, можеби решавачка, но сигурно најтрагична недела досега, а мене која било домашна тема, неповрзана со оваа ужасна, масовна човечка трагедија толку блиску до нас ми се чини неважна за внимание.

Тоа го знаат и сите оние кои овде го користат моментот и си продолжуваат со своите градежни маркички, ситни и крупни корупции, меѓупартиски надмудрувања, плукања по фејсбук, седење дома со државни плати, поскапувањата на кои им нема крај (тоа уште како има врска со војната!), па дури и повторното „будење“ на пандемијата, засега, во некои далечни краишта од нас, а на само неколку дена од нас…

 

Не ми влегува во главата како е можно за само дваесетина дена, она што бил нормален, урбан, секојдневен живот во Киев или Одеса – пазарење по модерни супермаркети, студирање, носење деца во градинки, вечерни забави, туширање наутро, свадби и разводи и безделничење на интернет – наеднаш да се претвори во тотален кошмар со буквална, секојдневна борба за гол опстанок… Децата да си ги пратиш некаде, или на фронт, и да не знаеш кога и дали повторно ќе ги видиш?! Ужас!

 

СИРИЈЦИ ЌЕ ЈА СПАСУВААТ РУСИЈА

 

И како тоа на моќната руска армија, митолошки опеана во сите нежни православни души, ѝ се потребни 15-20 илјади доброволци од Сирија и којзнае колку илјади Чеченци, за да ја освои Украина и да го пороби еден од најстарите христијански центри во светот – основачот на самата прото-Русија – Киев? Тоа ли е „наследството“ по кое ќе остане Путин запаметен, откако со земја (како Мариупол, нешто помал од Скопје) ќе ги срамни украинските градови и села? Не ѝ пречи ли ова на Великата Руска православна црква чии владики низ секојдневни молитви и желби за долго здравје го воздигнуваат својот овоземен светец, рускиот претседател?

 

Впрочем, зошто на 140 милиони Руси им требаат доброволци – по ѓаволите – од Сирија за воено да ги покорат своите православни браќа од Украина!? Па, малку ли Руси (и Белоруси?) има што би гинеле за Путин, што мора да се „увезуваат“ борци од муслиманскиот свет за неговата „света мисија“ во офанзивната одбрана на Мајка Русија? Тоа ли е „содржината“ на проектот за „денацификација“ на Украина?

 

Мизерија. И тоа на едно поапстрактно морално и верско ниво од она што е веќе на човечкото рамниште оваа тотална хуманитарна катастрофа.

 

СЛЕДУВА ХЕМИЈА!?

 

„Западната пропаганда“ вели дека Путин се подготвува за хемиско-биолошка војна во Украина и дека затоа носи сириски „доброволци“, бидејќи во сириската војна со тоа забрането оружје се ништеа илјадници противници – муслимани, ако е тоа важно – против режимот на Башар ал Асад. Руската „дипломатската“ подготовка за едно вакво сценарио веќе е направена со обвинувањата во ОН дека во Украина Американците во десетици лаборатории развивале биолошко и хемиско оружје (врз „генетска“ ДНК-руска основа!?) што требало да се користи против Русија. Оваа научно блесава теорија нема за задача да биде експертски или фактички спорена, туку да се шири по налудничавите пропагандни канали за оправдувањето на непостоечките причини за бруталните освојувања на режимот на Путин.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close