Радев дојде, отсега ќе чекаме да си замине

Соња Крамарска

До неделата 19 април трпеливо чекавме нова власт во Бугарија, а отсега ќе чекаме таа да замине. Затоа што победникот на овие избори Румен Радев е сѐ само не расположен да договара со раководството на Македонија нови услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Дури и да сака, Радев не држи никакви карти во раце кои можат да ги откочат замрените преговори на Северна Македонија со ЕУ. Тоа се приказни кои македонската влада им ги раскажува на своите граѓани веќе две години, во обид да ја тргне од себе одговорноста за пропаста на евроинтеграцијата.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вели дека ќе трагаат по ново решение со Радев. Веројатноста тоа да се случи е еднаква на тоа Македонија догодина да лансира ракета во вселената. Радев не ја ни спомна нашата држава во кампањата што ја водеа тој и неговата партија Прогресивна Бугарија, а камоли да трага по решенија за наш напредок.

Која е причината нашите државни лидери да даваат такви изјави, само тие си знаат. Ние, пак, знаеме дека откако во јуни 2024 добивме нова влада, која се противи на преговарачката рамка, непрекинато сме во исчекување на нови ветришта од Бугарија. Сега е на ред премиерот, претседателката и шефот на дипломатијата да почнат да одбројуваат до доаѓање на ново раководство во ЕУ кое ќе напише нови правила за членство во ЕУ и ќе ги убеди сите 27 земји членки да ги прифатат.

Од изјавите што ги слушнавме по средбата на Муцунски со неговиот белгиски колега Максим Прево, освен нашите домашни задачи, клучна била вели Муцунски подготвеноста на самата ЕУ да спроведе внатрешни реформи за прием на нови членки. Ете му кажавме и на белгискиот министер каква порака да пренесе од Македонија. Сега ќе чекаме повратен одговор. Нашата Влада од сите очекува флексибилност освен од себе.

 

Клима за фронт против ЕУ

Во меѓувреме Македонија исчезна од списокот на потенцијални нови членки на ЕУ до 2030 година. Води некакви магловити реформи кои ниту се гледаат а ниту се чувствуваат во секојдневието на граѓаните. Постојаното повторување дека Владата е цврсто посветена на реформската агенда звучи како алиби за критиките дека се откажа од евроинтеграцијата. Исто така звучат и владините пораки дека европската иднина на државата нема алтернатива и дека местото на Македонија е во Европската унија.

Но делата не го покажуваат тоа. Политичката клима што ја гради Владата повеќе одговара на создавање фронт против ЕУ отколку на создавање фронт за ЕУ. Европската агенда во Македонија во моментот се одржува преку лажни пароли и неуверливи реформи. Тоа го знаат сите и дома и во ЕУ но понекогаш изгледа празната реторика е корисна кога треба да се прикаже лажен континуитет во политиката за евроинтеграција.

Оттука, несериозно е да се прават анализи дали идниот премиер на Бугарија Румен Радев ќе биде конструктивен соговорник на македонското раководство. Тој не е непознато име за сега да предвидуваме каква иднина ја чека Македонија во односите со Бугарија. Македонија гради идентитет врз фалсификувана комунистичка историја, нема да кажеме ‘да’ додека Македонија ја краде нашата историја – се само некои од ставовите на Румен Радев. Да се оди во Софија и да се бара милост од него не е само погрешно туку е и прашање на дигнитет.

Бугарија, свесна за блокадата во која ја држи Македонија нема да одбива состаноци, сакајќи да се прикаже како добар сосед, но прашање на нашата дипломатска зрелост е колку Владата ќе инвестира во политика за која во старт се знае дека нема да донесе резултат.

 

Одлуката е во Скопје а не во Софија

И кога беше актуелен спорот за името со Грција, овде чекавме од избори до избори во Атина да дојде нова влада која ќе покаже поголемо разбирање за емоциите што ги имавме кон нашето уставно име. Ниту дојде таква влада, ниту се случи пресврт, туку само порасна цената за решавањето на спорот. Таквата политика на вртење во круг одзеде децении од развојот на Македонија. Сега повторно ја правиме како држава истата грешка.

Румен Радев можеби ќе владее долго а можеби не. Но со сигурност знаеме дека одлуката што треба да се донесе не е во Софија, ниту во Брисел, туку е во Скопје. И одговорноста за застојот на нашата држава не е во овие центри туку е повторно кај нас. Еден ден Владата ќе снема изговори зошто Македонија се најде на опашката во регионот, и тогаш ќе треба да им даде објаснување на граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски во вторникот (21.04) беше во Австрија каде ги повика македонските иселеници и тие што се на привремена работа таму да размислат да се вратат во Македонија. Такви повици македонската влада упати до целата дијаспора порачувајќи им дека се потребни на татковината. Но премиерот несвесно употреби погрешен збор. Рече да размислат. Меѓутоа, ако размислат ќе дојдат до заклучокот дека во моментов е подобро да живеат и да заработуваат во развиени странски држави отколку во нивната татковина. За одговорот зошто е тоа така, пак воопшто не треба ни да размислуваме. Сите го знаеме.(dw)

Back to top button
Close