Радев од Брисел: Чекаме патоказ од С Македонија што ќе биде прикачен кон Преговарачката рамка
Треба да го споредиме тој Патоказ со барањата усвоени од бугарскиот парламент (н.з. во Декларација од октомври 2019 г.). Се надевам дека разбирате оти ако има разлики, а немаме парламент, ќе биде многу тешко да се оствари напредок, вели бугарскиот претседател
Во дел од бугарските медиуми неодамна беше објавено дека португалскиот предлог за деблокада на евроинтеграциите на С Македонија предвидува изготвување Патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство чие исполнување би се оценувало во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација, а преку тоа индиректно и во преговорите за членство
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави во Брисел дека се чека од Северна Македонија да предложи Патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство што би бил прикачен кон Преговарачката рамка за С Македонија. Изјавата е во контекст на засилениот, како што вели тој, интерес од земји членки на ЕУ за придвижување во пристапниот процес на Северна Македонија уште во втората половина на јуни.
„Чекаме во моментов каков Патоказ ќе предложат од Република Северна Македонија, за кој има амбиција да биде приложен кон Преговарачката рамка. Треба да го споредиме тој Патоказ со барањата усвоени од бугарскиот парламент (н.з. во Декларација од октомври 2019 г.). Се надевам дека разбирате оти ако има разлики, а немаме парламент, ќе биде многу тешко да се оствари напредок. Сепак, исклучително важно е час поскоро да воспоставиме политички дијалог со Република Северна Македонија на највисоко ниво, на работно ниво, на ниво на комисии за да може сите тие теми да бидат придвижени“,изјави Радев во Брисел по вчерашниот состанок на Европскиот совет.
Тој вели дека очекувањата се насочени кон Бугарија, затоа што се очекува С Македонија да се придвижи по европскиот пат во текот на следниот месец.
“Очекувањата се насочени кон Бугарија, нема да кажам притисок. Се очекува на Европскиот совет, во втората половина на јуни, С Македонија да се придвижи по европскиот пат. Јас многу јасно го изразив бугарскиот став. Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на Република Северна Македонија и на Албанија, знаете дека тие се поврзани. Патот до достигнување на таа цел, во најголем дел, поминува низ Софија“, вели Радев.
Во дел од бугарските медиуми неодамна беше објавено дека португалскиот предлог за деблокада на евроинтеграциите на С Македонија предвидува изготвување Патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство чие исполнување би се оценувало во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација, а преку тоа индиректно и во преговорите за членство.
Според него, политичкото раководство на Северна Македонија треба да бара дијалог со Бугарија.
„Ние мора да седиме смирено и искрено на масата и да ги разјасниме сите проблеми меѓу нас. Сакаме да видиме одржлив и неповратен процес, не само декларации“, повтори Радев.
Радев утре ќе отпатува за Рим, заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски, а по повод Денот на браќата Кирил и Методиј. Тој најави дека заедно со Пендаровски ќе објават јасна и заемна политичка волја дека ќе ги развиваат односите меѓу двете земји, во духот на довербатa, пријателство и добрососедство.