Радев за тврдењето на Борисов дека го снимал со дрон: Мојата фантазија сепак има граници

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска оцени дека најголема закана за Владата е токму премиерот Бојко Борисов. – Никој не може подобро да ја дискредитира Владата од што може таа самата тоа да го стори, рече Радев од Перник, коментирајќи ги тврдењата на Борисов дека бугарскиот претседател го шпионирал со дрон.

На вчерашниот брифинг, откако анонимно беа објавени фотографии од Борисов како разголен спие во својата спална соба, бугарскиот премиер го обвини шефот на државата дека стои зад тој скандал и оти лично Радев го управувал дронот.

– Сум управувал авион, сум управувал и дрон. Не можам да толкувам сè што кажа Борисов, бидејќи за разлика од него, мојата фантазија сепак има некаква граница.

Во моментов, најважната работа, според бугарскиот претседател, е да се врати довербата на јавноста во општеството. Тоа е можно само преку вистината, пренесува БГНЕС. Радев додаде дека од тоа зависи иднина како правна држава, но главната улога тука ја има обвинителството, кое треба да ги испита објавените во медиумите аудио снимки и фотографии.

Тој уште категорично изјави дека борбата за власт се води меѓу политичките партии, а тој, како што рече, не влегува во кујната на политичките партии. Борисов е лидер на конзервативната „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ), а Радев дојде на претседателската функција со поддршка на Бугарска социјалистичка партија (БСП).

– Претседателот Радев ја премина границата и си дозволува да крене беспилотно летало и да ме фотографира, рече Борисов на вчерашниот брифинг со новинарите.

– Над терасата, пред влезот и кога ќе викнам и ќе им кажам: Зошто не реагирате, овој дрон доаѓа на оддалеченост од еден метар од мене, можеби носи експлозив, тие велат: „Па претседателот го управува,, независен!“ Јас лично велам дека ме следи со беспилотно летало – обвинителството да се јави во НСО (Националната служба за заштита) и да ги праша, рече бугарскиот премиер. Тој вели дека станува збор за напад како од учебниците на КГБ.

– Имаме систем да го урнат дронот, но тие одат, му кажуваат дека сум налутен и тој си го прибира, рече Борисов појаснувајќи дека Радев лично го управува дронот кој го добил на подарок од Кина.

Тој уште дополни дека според бојата на прекривките во неговата соба, фотографиите се направени пред евроизборите. На една од фотографиите се гледа како разголениот Борисов спие до шкафче во кое има купчиња банкноти од по 500 евра.

Над шкафчето е оставен и пиштол и стар модел на телефон со приклучени слушалки.

По втор пат во една седмица до медиумите се испратени компромитирачки информации против Борисов. Пред неколку дена, анонимно беше објавена аудио снимка, на која се слуша глас кој многу потсеќа на Борисов како на непримерен начин ги коментира претседателот на бугарскиот парламент и заменикот премиер. Истот глас се фали дека и наредил на независна ревизорска куќа да ја истражи работата на една бугарска компанија. Обвинителството почна истрага за овие снимки за да утврди дека настанале со незаконско прислушување или се измонтирани со цел да му се нанесе штета на Борисов.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close