Разузнавањето на САД декласифицираше документи за убиствата на лица неподобни за Путин
Националната разузнавачка служба на САД декласифицираше дел од тајни документи, наоди и информации за убиствата во странство на политичките противници на претседателот на Русија Владимир Путин.
Истакнати критичари на Кремљ, и посебно на Путин, изгледа дека имаат ужасна навика да гинат во сомнителни околности. Некои со пад од прозори, или самите си забиле нож, или се отруени, или извршиле самоубиство на начини кои ја поразуват логиката, објави Блумберг.
На барања од новинар на „Блумберг“, извештајот за овие убиства сега делумно е декласифициран. Во документот се наведуваат неколку такви случаи од 2006 година. Според разузнавачките служби, тие биле извршени од руски специјални служби со наредба дадена лично од Путин.
Првиот случај што се споменува во извештајот е убиството во 2004 година во Катар на поранешниот лидер на самопрогласената Чеченска Република Ичкерија, Зелимхан Јандербиев. Извршителите на убиството, припадниците на ГРУ на Министерството за одбрана на Русија, Анатолиј Белашков и Василиј Богачев, беа осудени од судот во Катар на доживотен затвор, но потоа екстрадирани во Русија. Тие требаше да ја дослужат затворската казна во својата , но нивната понатамошна судбина е непозната. Руската Служба за исполнување на казни (ФСИН) во 2005 година изјави дека не знае каде се наоѓаат.
Понатаму, се споменува смртта во 2006 година во Лондон на поранешниот припадник на ФСБ, Александар Литвиненко. Тој беше отруен со радиоактивен полониум и почина од болест предизвикана од зрачење. Истрагата во Велика Британија го посочи офицерот на Главната управа за заштита на Русија, Андреј Лугавој, кој подоцна стана пратеник во Државната дума, како директен извршител на убиството, а самиот чин беше класифициран како специјална операција на ФСБ.
Исто така, како резултат на работата на руските специјални служби, се наведува и смртта во 2012 година во Велика Британија на рускиот бизнисмен Александар Перепеличниј. Тој се сметаше за еден од клучните сведоци во истрагата за можно перење пари од страна на руски официјални лица во Европа и почина непосредно пред да сведочи во судот. Во документот на американската разузнавачка служба се наведува дека тој бил отруен, иако британската полиција, која ја истражуваше неговата смрт, не најде доволно докази за тоа.
Официјални лица ода Националната разузнавачка служба на САД во извештајот укажуваат дека Москва користи специјални служби во странство за елиминација на оние што ги смета за закана за режимот на Кремљ и дека постојат податоци за нивна вмешаност во други убиства на негови противници, но податоците за нив не се откриваат. Во документот се наведува дека, според експертите на разузнавачката служба, ваквите убиства најверојатно ќе продолжат и во иднина.
Амбасадата на Русија во Вашингтон не одговори на барањата на „Блумберг“ за коментар.
Новинарите на британското издание „Базфид њуз“ претходно истражуваа 14 смртни случаи во Велика Британија, кои, според нивните сознанија, можеле да бидат „нарачани“ од руските власти.