Реакција на АВМУ на Фејсбук статусот на министерот Манчевски
– Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги непријатно е изненадена од вчерашниот фејсбук-статус на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски дека Агенцијата е политизирана затоа што поднела прекршочни постапки против Телма и Алсат – М за прекршување на изборниот молк.
Министерот, или не го познава Изборниот законик или вообичаено, кога е Агенцијата во прашање со сите сили се обидува да ја дискредитира нејзината работа како би ја остварил зацртаната партиска агенда. Во спротивно, би знаел дека Агенцијата не е цензор туку согласно законските надлежности кои и се дадени го следи изборното медиумско претставување и доколку констатира прекршувања, покренува прекршочни постапки.
За време на изборниот молк, медиумите, меѓу другото, не смеат да емитуваат изјави од носители на функции во органите на власта и тоа е изричито наведено во Изборниот законик. Изјава дадена во својство на министер е изјава на носител на функција во органите на власта. Воопшто не е спорно дека можат да се даваат информации во врска со состојбата со корона вирусот и активностите на здравствените власти и во време на изборен молк, но не од самиот министер.
Симптоматично е и што министерот Манчевски не смета дека Агенцијата е цензор и за Првиот програмски сервис на Македонското радио против кого исто така беше поднесена прекршочна постапка за прекршување на изборниот молк. Можеби затоа што прекршокот беше сторен со емитување изјави на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев?
Како и досега, Агенцијата не направи разлика меѓу партиите и прекршочни постапки беа поднесени поради изјавите и на Венко Филипче и на Наќе Чулев. Во овој контест, го повикуваме Манчевски да го прочита Изборниот законик пред јавно да изнесува или да споделува мислења. Истовремено, може да ги прочита досегашните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР, во кои редовно позитивно е оценета работата на Агенцијата или Изјавата за прелиминарни наоди и заклучоци на Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ, во која, исто така, се нотирани повреди на изборниот молк на традиционалните медиуми.