Реквием за една пријателка

Денес во Амстердам почина Дубравка Угрешиќ, без сомнение една од најважните, најинвентивни, книжевно храбри, интелектуално непоткупливи и брилјантни авторки во европската и во светската книжевност.

Дубравка Угрешиќ
Дубравка Угрешиќ

Ги пишувам овие редови и знам дека од некаде ме гледа со негодување поради употребените зборови – таа моја драга вештерка и лисица, волшебничка и проклетничка, таа непристрасна, тешка, но бескрајно топла и бескрајно духовита личност.

Дали си уште тука? Во кој агол си скриена?

„Можеби оваа девојка, која стои сега пред мене со бледо лице, блескави, широко отворени очи, со едвај забeлежлива насмевка на лицето, еден ден ќе напише книга, и којзнае, можеби во таа книга ќе ме пресретне некаков опис. А ако се случи такво нешто, не би имала ништо против тоа, да бидам опишана како старица која излегува во студената ноќ (that went out on a chilly night) која ја моли месечината да ѝ го осветли патот (prayed for the moon to give her light), и додека полека се оддалечува, околу нејзините нозе, навирајќи однекаде од темнината, се извиваат мали лисици. И, глеј, ги има сé повеќе, се ројат, обликувајќи кралевски шлеп со бакарна боја, сé додека и шлепот и старицата не ги проголта темнината“.

Дубравка ни ја даде оваа слика, оваа шифра на заминување, во нејзиниот последен роман, “Лисица”, објавен во 2017 година. Оттогаш па сé до денес, таа не престана со своите шифрирани пораки, на кои – стоејќи така непристрасна како големо дрво кое наесен лесно ги губи своите лисја – не очекуваше одговор, иако мислам дека го посакуваше.

Жалосно доцнам со својот одговор, драга пријателке, но ти толку многу знаеше за сето тоа, кога вака си отиде, отворена кон сé, како ден кога се раѓа.

Жените страдаат: да се сака значи да се биде осамен, и уметниците понекогаш во својата работа насетуваат дека мораат, кога сакаат, да се преобразуваат. Ти ги започна и двете; и двете се наоѓаат во она што славата сега ти го одзема и го прави безлично. Ти беше незабележлива; својата убавина тивко ја вовлече во нашите животи и сега, сакале-не сакале, ја внесуваме во своите домови како знаме. Ти не сакаше друго, освен долготрајна работа, која, сепак, не ја доврши. Зашто, постои некое старо непријателство помеѓу животот и големото дело. Помогни ни на сите да го видиме и барем некако, да го искажеме.

Маја Бојаџиевска

 

Back to top button
Close