Ристоска: За корупцијата многу се зборува, но резултатите изостануваат – младите треба да бидат факелот на промените

Впечатокот ни е дека досега многу се зборува за корупцијата, меѓутоа резултатите изостануваат и затоа сметаме дека со адресирање на овој проблем токму кај младите и со јакнење на нивните капацитети за препознавање и градење отпорност ќе можеме како општество да имаме значителни резултати во борбата со корупцијата.

Ова го изјави обвинителката за врски со Европравда, Ленче Ристоска, пред почетокот на денешната работилница од проектот „Мојот антикорупциски дневник“ што се одржува во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Младите и младите политички лидери, рече Ристоска, се избрани во овој проект затоа што, како негови спроведувачи, веруваат дека со промоција на едно ново етичко лидерство и нов стандард во владеењето, ќе можеме како општество да се соочиме со предизвиците кои ни ги поставува корупцијата.

„Целта на овој проект, уште кога го дизајниравме, ни е да ја адресираме корупцијата од едно друго ниво, а тоа е од нивото на оние кај коишто е одлучувачката моќ во иднина и кои веруваме можат многу да променат…И навистина се надеваме дека овој настан и овој целосен проект кој ќе се содржи од вкупно три работилници ќе биде една инспирација за младите политички лидери и за младите во нашата држава, да промовираат стандарди на едно отчетно владеење, на владеење кое што е во интерес на граѓаните и владеење коешто е ослободено од корупција“кажа Ристоска.

Прашана што со актуелната генерација политичари и што ново би понудил овој проект во однос на сегашните проблеми, обвинителката вели дека токму поради тоа ќе работат и со подмладоците на политичките партии со верба дека знаењата и вештините кои ќе ги научат во рамките на проектот ќе ги имплементираат внатре во партиските структури.

„Очекуваме да и самите млади лидери во рамките на политичките партии преземат иницијативи, дадат некои предлози од она што како идеи ќе го стекнат во рамки на овој проект, па, очекуваме така чекор по чекор еден ден да имаме навистина значителни резултати“изјави обвинителката.

Ристоска смета оти секогаш има простор за унапредување на состојбите и затоа кога, како што вели, размислувале за проектна активност во делот на антикорупцијата ги таргетирале токму младите бидејќи тие, вели, се факелот на промените.

Во таа насока, обвинителката додаде дека младите треба да се стекнат со знаења, но исто така треба да се опремат и со вештини за справувањето со корупцијата, оти едно е да имаат страст да го променат општеството, но страста сама по себе не е доволна.

„Треба да поседуваат и знаења и вештини како нивната страст правилно да ја канализираат и тоа да резултира со позитивни резултати и позитивни општествени промени за сите нас“рече таа.

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе ги охрабрат младите да ги пријавуваат овие случаи кога довербата во правосудството има многу низок процент, Ристоска вели дека според неа правосудството не е единствениот орган каде што може да се пријави корупција.

„Целта на овој проект токму е да ги разгледаме сите механизми коишто стојат на располагање на младите. Вчера имавме работилница со средношколци и бевме пријатно изненадени би рекла сите за новото на коешто младите ја чувствуваат корупцијата и колку се свесни за значењето и каков импакт има корупцијата врз нивните животи. Така што во оваа серија на работилници ќе работиме и на тоа да се зајакнат механизмите на коишто може да се пријави корупцијата и се разбира отворени сме секогаш за критика и јас сум секогаш една од тие која гласно говори за тоа дека ние исто така мора да работиме на подобрување на институционалните капацитети со цел да имаме соодветен одговор во борбата против корупцијата и верувам дека со нашите лични примери ќе ги мотивираме младите дека навистина треба некогаш да се излезе од личната комфорна зона и да се застане на вистинскиот пат“изјави Ристоска пред почетокот на настанот.

Директорката на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД, Вирџинија Елиот, исто така, во изјава за медиумите пред почетокот на настанот, рече дека борбата против корупцијата е еден од врвните приоритети на Владата на Соединетите Држави.

„’Мојот антикорупциски дневник’ е проект кој треба да им овозможи на младите да ги препознаат и да ѝ оддолеат на корупцијата во нивниот секојдневен живот и да размислуваат како таа влијае на нив и на луѓето околу нив. Се надеваме дека преку овој проект ќе ги видиме младите луѓе повеќе ангажирани во процесите на барање транспарентност и отчетност од Владата во нивниот секојдневен живот во општеството“,рече Елиот.

Според судијата Бетим Јахја, овие обуки треба да помогнат во борбата против корупцијата, која има ендемски размери во нашата држава.

„Целта е да се изгради поздраво општество каде што ќе владее правото, правдата и правичноста и корупцијата ќе се потисне што е можно повеќе“,рече Јахја.

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека борбата против корупцијата е врвен приоритет, но тоа е задача на сите граѓани, а не само на Јавното обвинителство.

„Справувањето со корупцијата бара соработка со правосудството, медиумите и невладиниот сектор. Јакнењето на културата против корупција започнува од најрана возраст. Јавното обвинителство ги презема сите потребни чекори за ефикасна борба против корупцијата“рече државниот јавен обвинител.

Проектот „Мојот антикорупциски дневник“ е поддржан од Амбасадата на САД и го спроведува Фондацијата ИДЕА, во соработка со алумните на Амбасадата на САД, Ленче Ристоска, Бетим Јахја и Мите Кузевски.

Проектот вклучува три еднодневни работилници на кои учесниците ќе го мерат почетното и стекнатото знаење за антикорупција и ќе развиваат вештини за препознавање и справување со корупцијата.

Покрај работилници, проектот ќе вклучува и водење онлајн антикорупциски дневник со кој учесниците ќе ги забележуваат антикорупциските активности што им се случуваат во секојдневието, без разлика дали лично ги доживеале или биле сведоци на такви дејства.

Back to top button
Close