Ролинг Стоунс се враќаат со нов албум по две години пауза

Ролинг Стоунс го потврдија издавањето на нов албум со наслов „Форин Тангс“, кој ќе биде нивниот прв студиски проект по албумот „Хакни Дајмондс“ од 2023 година, добитник на Греми награда.
Според најавите, новиот албум ќе биде објавен на 10 јули. Членовите на бендот Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд преку социјалните мрежи споделиле делови од омотот на албумот, изработен во колаж-стил, кој потсетува на периодот од албумот „Сам Грлс“.
Секој од нив објавил различен дел од заедничката илустрација — Џегер ги прикажал усните и брадата, Вуд ги открил очите и носот, а Ричардс го комплетирал горниот дел од композицијата со приказ на косата и марамата.
Во пресрет на објавата, бендот споделил и краток 13-секунден аудио-исечок од нова песна, придружен со нивното препознатливо лого со исплазен јазик.
Гласините за нов албум се појавиле по серија мистериозни постери и QR-кодови низ Лондон, а бендот претходно, под псевдонимот „Кокрочис“, објавил ограничен винил-сингл во само 1.000 примероци.
Ролинг Стоунс, основани во Лондон во 1962 година, се меѓу највлијателните рок-бендови во историјата, со 14 албуми кои достигнале прво место во Велика Британија и осум синглови број еден. По смртта на тапанарот Чарли Вотс во 2021 година, актуелната постава ја сочинуваат Џегер, Ричардс, Вуд и Стив Џордан.
Извор: skopje1.mk






