Русија бара резервисти за одбрана на регионот на Санкт Петербург од дронови

Властите во регионот околу рускиот северен град Санкт Петербург ги повикуваат резервистите да потпишат договори за воздушна одбрана во услови на зголемени украински напади со дронови.

Одлуката е донесена со цел да се стационираат дополнителни мобилни тимови во просториите на компаниите и критичната инфраструктура во Ленинградската област, напиша денеска на Телеграм гувернерот Александар Дрозденко.

Дрозденко рече дека жителите со воено искуство ќе имаат право да потпишат тригодишни договори, кои би вклучувале служба во касарна во траење од два до шест месеци, пренесе ДПА.

Минатиот октомври, рускиот дневен весник „Комерсант“ јави за распоредување на првата единица резервисти за одбрана од украински дронови во Ленинградската област, која граничи со Финска и Естонија.

Во исто време, рускиот парламент по брза постапка усвои закон за легализација на овој нов модел за заштита на стратешки важни локации од страна на резервисти.

Со западна поддршка, Украина повеќе од четири години се брани од руска инвазија од голем размер.

Како дел од својата стратегија против Русија, Украина постојано ја напаѓа руската нафтена индустрија, која е клучна за военото финансирање на Москва.

Балтичките нафтени пристаништа Приморск и Уст-Луга, како и големата рафинерија Кириши во Ленинградската област – лоцирани до 1.000 километри од Украина – беа чести цели на украинските напади со дронови.

Аеродромот во Санкт Петербург исто така постојано беше принуден привремено да ги прекинува операциите.

Back to top button
Close